Група инженери со оставање на шишиња вода денеска под мотото Чебрен и водите мора да бидат македонски, го изразија своето незадоволство и се спротивставија на владината одлука, концесијата за користење на водата на Црна река за производство на елекртична енергија да биде доделена на грчки ППЦ -Архиродон. Бараат преиспитување и повлекување на одлуката, известува Канал 5.
-Тоа е од стратешки интерес за Македонија и тоа во момент кога Европа се соочува со недостиг на енергија. И сега јонските батерии кои се начин којшто светот се справува со акомулирање на енергијата од фотоволтаиците се скапа инвестиција, ова е идеалното решение не само за Македонија него и за регионот. Но тоа треба да биде наше македонско не нечие , туѓо. Ние нашата територија ја даваме на странци и тие може во таа прилика нас да ни наплаќаат по берзанска цена струја и ништо не сме добиле- -изјави Дениз Мустафаоглу – термоенергетичар.
Експертите, кои денеска дадоа поддршка на Здружението на инженери, оценуваат дека станува збор за лоша енергетска политика, која на идните генерации ќе им донесе само висока цена на струјата.
„Проблемот е сериозен и овој проект треба да го води Македонија. Или ако веќе се прави партнерство Македонија треба да биде најмалку 51 % сопственик за да може да управува и раководи и профитот од тоа генерално да остане во Македонија“- -изјави Костантин Димитров – МАЦЕФ.
Од Влада за Канал 5 велат дека со изградба на овој проект бенефит ќе имаат токму граѓаните.
„ Со изградбата на ПАХЕ Чебрен, ќе се обезбеди праведната транзиција кон чисти извори на енергија, ќе се зголеми капацитетот на нашиот енергетски систем за поголем број на обновливи извори на енергија, од кој директен бенефит ќе имаат самите граѓани, домашни мали и големи фирми, кој ќе инвестираат во таквите проекти, кој и во моментот инвестираат во нови фотонапонски електрани на целата територија. Директен бенефит ќе имаат и нашите инженери, кои ќе бидат најбарани токму во делот на проектирањето, развојот и изградбата на ПАХЕ Чебрен“.
Владата пред околу еден месец, по повеќе од 20 години донесе одлука за реализација на хидроцентралата Чебрен.
Ова е четиринаесетти обид за доделување на концесија на Црна Река. На овој му претходеа 13 неуспешни тендери. Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати.