Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на пратениците во Собранието денеска им укажа да се држат до своите надлежности и да не се мешаат во надлежностите на Обвинителството околу случајот со Клиниката за онкологија. Ова дојде откако повеќе пратеници во текот на своите излагања дискутираа за притвор за случаите Онкологија, пренесе Слободен печат.
Ако ние утре определиме притвор за некого, ќе излезе дека Собранието ни правело притисоци, рече Јовески.
Тој им порача на пратениците да се држат до рамките на нивните надлежности. Обвинителот откри дека неколку кривични пријави за Клиниката за онкологија биле поднесени низ годините. На пример, имало анонимна кривична пријава во 2017 година за несовесно работење во службата била поднесена до Обвинителството и била отфрлена поради тоа што немало кривично дело кое се гони по службена должност. Обвинителот наведе и дека во 2016 година бил отворен предмет за Онкологија исто како и во 2012-та. Тогаш предметот бил за злоупотреба на службена положба и овластување со решение за откажување од гонење и запирање на истрагата. Тој кажа дека во овој случај Обвинителството има вложено огромни напори, ангажирани се две обвинителки и се преземаат бројни дејствија и дека случајот мора да има завршница.
Јовески им укажа на пратениците дека неговата функција не е монетка за поткусурување и Собранието да посвети внимание на своите надлежности.
-Овој извештај на Државниот завод за ревизија ви е познато дека е составен дел од доказите и неговото разгледување од кривично-правен аспект е директно мешање на законодавната власт во работата на јавното обвинителство, истакна Јовески.
Тој додаде дека случајот Онкологија е тежок случај, а дека ревизорските извештаи не се прават за потребите на јавниот обвинител, туку тој ги разгледува од аспект на кривичен прогон и детектирање на елементи на кривично дело и откривање на сторителите.
-Веднаш по објавувањето на извештајот го проучивме и преземавме надлежности од рамките на нашата надлежност и сакам да ве информирам дека имаме и претходни пријави поднесено во врска со определени извештаи и случувања на Клиниката за онкологија.
-Обвинителството води предистрага за последните случувања на Онкологија, опсежен предмет во кој се вклучени двајца обвинители, вклучен е цел истражен центар на ОЈО Скопје, обезбедени се доказите за да се одбегне нивното евентуално исчезнување и можам да кажам дека е обезбедена обемна документација во делот на здравствената состојба на пациентите и цела документација подлежи на соодветни проверки, вкрстување и уточнување на податоците, рече Јовески.
Тој додаде дека на обвинителството и на службите кои се компетентни за решавање на вакви случаи им треба, но нагласи дека сите сили на обвинителството се концентрирани за забрзување на овие постапки.
Обвинителот рече дека извршени се повеќе распити на пациентите кои биле на лекување во болницата.
–Оваа анализа на медицинските досиеја и нивното лекување е потребна бидеќи е интердисциплинарна – како се требувани лекови како се давани во кој обем и дали се давани. За таа цел се ангажирани технички советници. Еден дел од медицинската документација е издвоена со сомненија за лекарска грешка, а вештачењето ќе го врши независна институција. Преземена е анализа на целото финансиско и материјално работење на клиниката со експерти од ФЗОМ и експерти на ревизија. Соработката со експертите од ДЗР се од клучно значење за истражување на овој предмет од страна на обвинителството. Имаме целосна поддршка од МВР, единицата за финансиски истраги каде што се вклучени повеќе лица од страна на министерството за внатрешни работи. Остварена е комуникација од страна на тројца јавни обвинители со обвинители од Косово и ќе се оствари иста таква комуникација со обвинители од Албанија, рече Јовески.
Тој ја увери јавноста дека обвинителството нема да прикрие никакви факти и нема на друг начин да толкува нешто ако заслужува кривична одговорност. Исто така паралелно се водат финансиски истраги.