Многу се радувам на можноста јавно да му го честитам роденденот на ВЕЧЕР, весникот во којшто поминав дел од мојата новинарска кариера. Тој период се поклопи со терористичкиот напад врз државата, што подоцна резултираше со процесот на разнебитување на Македонија, кој трае до ден-денес. Како репортерска екипа, заедно со колегата Спас Марковски, кој, исто така, премина од „Нова Македонија“ во ВЕЧЕР, ги покривавме случувањата на терен, а подоцна подготвивме и книга во која ги објавивме сведоштвата за сите бранители што загинаа во конфликтот. Меѓу нив имаше и Албанци. Книгата излезе неколку месеци по потпишувањето на таканаречениот Рамковен договор, а нејзиниот наслов е  „Татковино, за што загинавме?“ Подоцна во весникот објавувавме репортажи од сите три дела на Македонија, разговаравме со многу соговорници во села и градови, во поле и на планина, ги пренесувавме со зборови и фотографии животните приказни на  обичните луѓе до кои новинарството денес многу ретко стигнува. Во сегашни услови, со сегашните редакциски ресурси, репортажата како новинарски жанр како да е речиси сосем невозможна или, поточно,  „неисплатлива“  работа. Редакцијата на весникот ВЕЧЕР во тоа време, а мислам дека е така и денес, беше отворена редакција, материјалите стигнуваа од „местото на настанот“, а не од компјутерот.

Посакувам, како весник, да му останете посветени на обичниот човек, да ја продолжите традицијата на „отворен весник“, искрен соговорник, весник на народот, весник од доверба, дискретна исповедалница на обесправени, понижени, тргнати на маргините луѓе, кои имаат доверба да ви го кажат само вам она што не можат да го кажат нигде на друго место.

Инаку, македонското новинарство во изминативе две децении се соочува со феноменот „многу  информации – малку вистина“. Во основа, новинарскиот дискурс е сведен на површност, а новинарската професија на попатно ухлебие, иако, во техничка смисла, современото новинарство има огромна предност пред новинарството од времето на линотипот и прес-клипингот, затоа што има можност за брзи корекции, промена во структурата, премонтирање на текстот, електронска фактографска и јазична консултација и слично. Но, за жал, наспроти сета предност, современото новинарство нема можност за авторска, творечка препознатливост, уредничка супервизија и за креативно учење на занаетот. И не само тоа, многумина мислат дека нема потреба од профилираност и професионалност, затоа што го сфаќаат новинарството како келнерај! При таква констелација, не постои систем за новинарска кариера, туку секој во секој момент може сè, секој е стручњак за сите области и не се срами да се претставува како новинар, иако во најголем број случаи станува збор за праматари, маалски телали, собирачи на маклатура, тајни подизведувачи, изнудувачи на рекет и медиумски могули и преживари. Дел од нив во меѓувреме станаа габаритни прес-моржови, возат темни џипови, а пишуваат лигави текстови за социјална правда и човекови права. Прелетуваат од медиум во медиум како крлежи и болви, а апсолутна заштита од крлежи и болви нема. Во таквите медиуми нема вистинско истражување, нема „живи“ репортажи, нема издржани анализи, нема интервјуа во кои новинарот е подготвен и компетентен за разговор со соговорникот, нема вест што ќе предизвика информативен потрес, нема став со објективно општествено влијание, базирано на професионалност, етичност и релевантност. Купишта новинарски смет ги затрупува ретките бисери што блеснуваат и ги снемува. Токму затоа, во годините што следуваат, новинарството сè повеќе ќе се претвора во реално шоу, па ќе биде доволно да се вклучи камера, да се монтира некаков микрофон и забавата да почне. Фазата во која новинарите на 21 век учеа како да држат микрофон веќе е завршена; сега никој не знае каде е микрофонот и кој го снима разговорот. На крајот, како утеха, фразата дека новинарството е прекрасна работа ако навреме се напушти, јас би ја трансформирал во тоа дека новинарството е прекрасна работа ако навреме ја напуштат оние што прават од неа подопашници со прапорци, ординација за фрустрации и ќепенче за тргување со уцени и притисоци.

ВЕЧЕР со својата 60-годишна традиција е доказ дека вистинското новинарство кај нас, сепак, постои и трае подолго од сите преобразби, софтвери, ботови и трутови.