Јованка КЕПЕСКА

Градењето на стратегија за сопствениот развој, за релациите со другите нации или за односите во глобални рамки, и историски, и актуелно, за секоја нација е неминовно дејствување. Како потреба за развојот на нацијата и при разрешување на проблеми со националниот и културниот идентитет како што е тоа во моментов за македонската нација и за да може со соответна политика да се надмине актуелното загрозување  на нејзиниот национален идентитет. Одбраната на македонскиот карактер на нацијата, притоа, останува суштествена затоа што националниот идентитет е статичен (непроменлив) и се однесува на историскиот процес на борбата на македонскиот народ во создавањето на нацијата. Во исто време држвата е израз на политичкиот идентитет на нацијата поради што го носи нејзиното име, името на јазикот и на културата. Ваквите определби произлегуваат од теоретските сознанија за националниот идентитет но и со оглед на применетиот правен пристап повеќе од еден век, во светот.

Така, иако се чини дека според Преспанскиот договор некои историски аспекти на македонскиот идентитет се прецизирани така што за нив да не се говори, темите мораат да останат отворени за научната, но и за јавната расправа, какви што се за разликите со Грција во приодот кон нашето име, но и за другите нарушувања на идентитетските со топонимите, економските ознаки и друго. Токму затоа што идентитетските прашања се севкупни. Истовремено, врз научни сознанија мораат да се надминат и искривените ставови од соседните земји за нашите идентитетски одлики и за одбрана на македонското малцинство во соседните земји.

Впрочем и стратегијата и за целосниот национален развој се гради врз постигнатите сознанија во различните научни области и не само како право на академска слобода туку како неопходна потреба за македонскиот развој.

Оттаму научните сознанија се основата и за градењето на внатрешните односи во земјата. Појдувајќи затоа од македонскиот карактер на државата со оглед на уставната одредба дека таа е од унитарен карактер, потребно е децидно определување што фактички значи одредувањето на општеството како мултиетничко. Односно јасното определување на односите на македонскиот народ и малцинствата, врз теоретска припомош, од што зависи и стабилноста на државата. Во склопот на прашањата е и определбата за евидентната потреба од македонска култура покрај културната идентификација на малцинствата.

Отворањето на сите теми за нашето национално прашање и анимирање на јавноста за да се вклучи во дебатата се наложува поради суштинската потреба да се изврши усогласување на различните гледања кои произлегуваат и од различни интереси но и за да сепродлабочи свеста во општеството за сопствениот развој. А и пат општеството да се консолидира затоа што, доколку јавноста во сите нејзини облици се остварува, политиката станува функционална и донесува напредок.

Постои една значајна димензија од македонскиот идентитет која, оставена настрана, како да се заборава, веќе, подог период. Станува збор за заложбата за тнр. „останувањето свој на своето“ на македонскиот народ. Како негово остварување и надраснување со оглед на тоа што го носи со корените. Како резултат на самосвојната антрополошка суштина и го пројавува како самосвојна сопствена култура. А се проследувало преку севкупниот процес на својот развој од народ а треба да се остварува и со нацијата во својот повисок облик на постоење. Ваквиот процес, како на реликт на комунистичите, од една, и од друга страна, на современите позитивистички, пред се правни сфаќања, во  Македонија се става под прашање, негирајќи ја важноста на националните прашања или протежирајќи изедначеност на населението врз граѓанска основа.

Научно-технолошкиот развој на нашето време апсолутно ја определува улогата на науката и уметноста во однос на осознавање на суштината на народот и за понатамошната негова идентификација, давајќи одговор за моќите и можностите на народот во неговата идентификација на повисок степен во развојот, преку неговите творечки способности во науката, уметноста како и во умешноста да ја организира сопствената општественост, создавајќи и менталитет.

Имено, во теоретските (филозофските) приоди се укажува дека народот, поминувајќи, како се вели, во практична самобитност и духовно обликување, како чин на слободата, кога своето природно својство го дополнува со правно определување, моралност, обичајност, фамилија, граѓанско општество и држава, станува нација. Но сеуште не како потполн субјект туку само како претпоставка за повисок субјект. Со овозможените религија, морал, уметност и филозофија, техничка умешност. политичката организација, правниот поредок народот станува севкупна суштина.

И затоа потребное да заклучиме дека денешното „укинување“ на нововековните нации не значи отфрлање туку чување на народната посебност, народната мисла и чин, народното духовно-реално дејствување, самосвојно говорење и јазик. Како што останува и строгото устројство на заедницата. Што е и пристапот на Европската Унија како стојалиште од аспект на мислењето на народот и реализацијата на неговата посебност.