Денеска (12.12.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со дел од раководството на МВР го посетија СВР Штип, каде што остварија средба со раководствата на оваа организациона единица, како и на Регионалниот центар за гранични работи Исток, а со цел да се сумираат резултатите од сработеното, да се види напредокот, но и да се утврдат предвидувањата и приоритетите за идната година.
-Параметрите за вкупниот криминал на подрачјето на СВР Штип се во корелација со оние на национално рамниште, при што евидентираното намалување на криминалитетот тука изнесува 14%, и придонесува кон генералното намалување на ниво на држава. Намалување има и кај вкупниот број на кривични дела од познат сторител за 7%, а од непознат сторител намалувањето е 19%, со постигната ефикасност во расчистувањето од 45%, која бележи пораст од лани, додека вкупната ефикасност на расчистени кривични дела изнесува високи 70%. Радува податокот што класичниот криминал бележи намалување од 16% според бројот на евидентирани кривични дела, а постигнатата ефикасност во расчистувањето е 41%, рече министерот Спасовски во изјава за медиумите.
Притоа, тој ги сподели резултатите коишто ги има постигнато СВР Штип, потенцирајќи дека се најдобрите во изминатите 30 години.
-Во делот на тешките кражби, кои се еден од приоритетите на СВР Штип, во извештајниот период евидентирано е намалување од 17% на пријавените тешки кражби, додека кај делата од областа на економски криминал намалувањето е за 22%. Кај деликтите од недозволена трговија, откривачката дејност е зголемена за 32% со откриени 123 кривични дела, при што кај оние од областа на оружје регистрирано е зголемување во откривањето за 38%, а кај деликтите со шверц на дрога зголемувањето е за 31%. Во областа на јавниот ред и мир годинава СВР Штип бележи намалување од околу 10% по сите параметри, додека за одбележување се реализираните 2.100 превентивни активности на различни теми од сите области на територијата на овој сектор, истакна министерот Спасовски на средбата во СВР Штип.