КРАТОК РОМАН „СПЛИН“
(Продолжение: Трето поглавје)

3.

Неспокојство

Требаше да се стави точка на сиот тој кошмар. Како на поддавалник го гледав раскашавениот мозок на општото битие како полека се расточува, се прелева преку сопствените рабови, излегува од себе. Некој, секако, водеше сметка и за мене, но јас сѐ уште бев занемарлив во општиот поредок. Како на слушател од најнизок ранг, „големите“ ми донесуваа од своите фасцинантни патувања шарени кибритчиња, налепници, приврзоци и слични дребулии, кажувајќи ноншалантно за убавите цејлонски жени, за рискантните контакти во Америка и за пикантните арапски јадења. Можев со години да удирам со главата во стаклениот ѕид на ѕвоното што ме делеше од нив, сѐ додека не го потрошам воздухот што ми беше наменет, но немав никакви изгледи да најдам излез оттука. Далеку, далеку од нив успевав да владеам со сопствениот идентитет, се препознавав себеси, имав мислење и став за своите постапки. Но тоа можеше да има смисла само во некое друго време.

Конечно, нешто сепак не беше во ред. Можев да го почувствувам тоа онаа вечер кога се готвев за преселба. Студот попушти, но времето нагло сврте на дождови и не беше возможно ни да се ѕирне низ врата. Во куќата наеднаш стана морничаво влажно, ѕидовите се потеа од некој свој внатрешен оган. Зад мебелот што го преместував излегуваа огромни дамки од мувла и некакво подмолно продувче ги нишаше ламбите. Имав чувство дека ќе се изгаснат како најобични свеќи. Се чинеше дека низ куќата чекори некој мртовец, дека ги испушта последните меурчиња воздух што му се заплеткале во студените алвеоли.
Тие денови беше тешко да се најде некој што би се согласил да ме сели. Се чувствував опседнат, заузден во тоа кутивче од куќа. Морав да сторам нешто, да најдам некакво прифатливо решение.

Наметнат со старото, црно, кусо палто – излегов надвор. Воздухот личеше на тешка водена драперија што се виори на ветерот. Улиците беа преплавени од големи порои што носеа многу кал, однекаде потсобтрани белутраци и секакви градски нечистотии. Беше речиси невозможно да се пречекорат вировите пред полумртвите дуќани, притивнати и пусти, сведени на баналноста на четириесетватните сијалици што висеа млитаво врз долгунестите, плетени, правливи каблови.

Се готвеше тешка, влажна ноќ, излудувачки шумна од дождот што ги мешаше елементите. Уличните ламби потреперуваа на ветерот. Светлината си играше со водените кристалчиња. Но сепак, така застанат за миг под силните водени бранови, чувствував дека сето тоа е далеку, премногу далеку од онаа питома игра на светлината што како дете ја гледав над синкавите снежни сметови. Стуткана во топла хермелинска бунда, мајка ми чекореше пред мене по тесното, изгазено патче. Со поставена кожена капа на главата и дебел, тежок џемпер со многу извезени еленчиња, трчкав по неа под голите гранки на дрворедот. Реката, само малку подолу, испаруваше волшебно како во приказните. Се чинеше дека еве сега! Оп! – од таа пареа ќе се создаде добрата самовила и ќе го прегрне разнежениот сонлив свет.

Но оваа вознемирена светлина, насилно втисната во дождливата зимска ноќ, се истураше како и поројот, паѓаше на земја од каде што ја одвлечкуваа брзите шурки вода. И таа беше сосема минлива, загадочна, но ја немаше онаа возбудлива приспивна магија. Сосема олабавени од упорните ветришта, некои ламби се нишаа како мандала, крцкајќи морничаво со оној познат метален звук од кој се ежави кожата.

Бев сосема воден и без никаква смисла застанат среде пустата улица. Некаде далеку минуваше автобус. Барот „Индекс“ беше најблиското засолнето место каде што можев и да испијам нешто топло. Во вакви ноќи и тој остануваше празен, но сега пред него имаше многу коли.

Додека се доближував, го видов газдата како претрчува од прирачниот магацин до настрешницата кај влезот. Двајца црнци излегоа рака-под-рака, сосема пијани и, нишајќи се во одот, нешто се расправаа. Едниот од нив беше Тачи. Го гледав тука често. Секогаш ја повторуваше својата приказна за артистката што сакала да скокне од неговиот хотелски прозорец. А таа артистка не беше измислица. Без трошка талент, таа немаше никакви изгледи за успех. Се влечкаше меѓу театарот и телевизијата, но успеваше да добие само споредни улоги. Неуспешниот обид за скок од прозорецот на Тачи беше нејзината единствена главна улога што заврши на клиниката за психијатрија. Потоа со месеци одеше на акупунктура. Таму и ја запознав.

Во долгиот, темен клинички ходник таа обично седеше спроти мене и чекаше да ја повикаат. Всушност, најчесто бевме сосема сами. Доаѓањата тука за неа очигледно беа рутински и не гледаше никаква полза од нив. Но, најверојатно, некој ја принудувал да оди на терапија. Во меѓувреме дознав за нејзините скандали за кои се зборуваше наоколу. Се прашував колку сето тоа е вистина. Таа оставаше впечаток на интелектуалка на која, можеби, успехот ѝ значи многу, но која, исто така, сите свои чекори ги темели врз сопствени ставови. Но неугодните афери со некои психоделични сликари, препродавачи на наркотици, беа премногу конкретни, премногу детално разгласени за да оставаат место за сомневање. Сепак, тие нешта беа некако чудно бргу заташкувани и таа и натаму ги добиваше своите мали ролји.

Влегов во барот. Сосема изземен од надворешниот свет, така студен и непријателски, тој имаше во себе доволно непринуденост. Силен чад се виореше на сите страни. Гостите беа стуткани едни до другите. Многумина што седеа заедно сигурно не се ни познаваа. Во дното на барот газдата поддаваше шишиња. Во еден агол неколку девојки, предводени од понесениот глас на еден млад Ѓуптин што свиреше гитара, ја пееја песната „Чија е оваа девојка“, и тука и таму можеа да се чујат тивки придружувања. Но песната постојано, речиси од миг во миг, се менуваше. Се менуваше и местото каде што ја започнуваа, а потоа во бранови таа се селеше од маса до маса.

Веќе во првиот момент видов неколку познати лица. Добрата стара Ники, опуштена во својата дебелина, пиеше вино во крупни голтки. Очите ѝ беа потечени, вцрвенети и поместени во некоја друга стварност. Сепак ме препозна и ме повикуваше да седнам покрај неа. Но газдата веќе ме влечкаше за рака кон една маса каде што веројатно уште имаше слободни места. Онака воден и смачкан, измрцлавен од долги бденија, сосема се препуштив. Ми донесе вруќа ракија и ме наметна со некакво ирамче. Во својата неспитомлива песна Ѓуптинот ги вовлече сите. Наеднаш тука и таму почнуваа да се палат свеќи. Сѐ се прелеваше од гласови, препуштени на самите себе, ослободени од секакава друга смисла освен пеењето заради пеење.

Го изгаснаа светлото. Барот личеше на чудесна пијана црквичка среде налудничав океан.

„Неверојатно, неверојатно“, мислев, „сите се однесуваат како ништо да не се случува околу нас“.

Ја видов Ники како ги напрега вратните жили. Пееше на сиот глас и се држеше за слепите очи.
Ми донесоа уште една чаша. Сега беше потопло.

Не можев да си го објаснам тој неочекуван пресврт. Песната не стивнуваше. Гостите се мушкаа низ полутемнината, преминуваа од маса на маса.

Во еден момент ми се пристори дека меѓу нив ја видов артистката на Тачи, Розе. Да. Се влечкаше меѓу масите, обѕрнувајќи се лево и десно. Очигледно тука познаваше многу свет. Изгледаше така пожелно и не можев да ја сместам меѓу овие случајни луѓе. Но таа немаше талент, не можеше никако да ги сврти своите изгледи кон некаква иднина. А и тој збор им беше премногу матен на луѓето што ги познавав. Закопани во своите мали, влажни станови, сутерени и поткровја, осудени на чести преселби, тие оставаа впечаток на библиски страдалници што се влечкаат низ некоја нова, сѐ уште неименувана пустина. Можевте да се свртите околу себе и да видите многу необични нешта што никнуваа одден-наден како чудни знаци на времето што го забрзуваше чекорот. Духовната котлинка во којашто живеевме, ете, на самиот раб од столетието, од милениумот, сѐ уште беше зарастена во едно поинакво време, многу поинтимно, кротко, исполнето со опојноста на таинствените миризби од старите ковчези, од глатките, сјајни овошки по шифонерите во малите студени собичиња со накривени фотографии и газиени ламби по ѕидовите. И историјата како да ни беше под рака, сосема наша, присна. Го чувствував сопственото учество во неа. Но сега – нешто битно беше изменето. Некој моќен прст нѐ исфрлил од кругот каде што таа се одвиваше. Наеднаш сѐ стана така неизвесно. Бевме како изземени од главното збиднување што се одвиваше некаде далеку, во јадрото на целисходниот свет околу кој кружевме како папсани частички.

Низ главата ми прелетаа раздробените слики на натрупаниот и расклатен мебел, калливиот гроб на Куно, кревкото, седефно, таинствено тело на Муна, колебливиот крцкот на разнишаните улични ламби, разулавениот дожд, вестите, вестите што се истураа како споулавени, миризливиот Гогош. Сакав да подвлечам црта, да сумирам нешто, да ја разберам смислата или барем причината на тој вртолум од кој не можев никако да се извлечам. Но песокта тонеше под мене низ тесното грлце на времето и можев само наоколу да ги поддавам рацете, грчовито да ги забодувам прстите во несигурната и лизгава падинка на стварноста.

Ова зачадено место беше вториот, можеби третиот круг кон дното. Сѐ како да беше пламнато, подгреано, разблудено од опуштеноста на светот кој не очекува ништо повеќе од себе самиот. Песната стануваше шуплива, како да доаѓаше од некој длабок заговорнички бунар. Се напрегаше до еротско кричење, до инцестуозна заводливост. И артистката веќе беше тука, сосема блиску до мене. Бев убеден дека по ʼрбетот ѝ лазат зелени мравки и оти, ако ја допрам, во раката ќе ми остане цел еден возбуден, растрчан мравјалник.
Но не се случи ништо особено, иако необичноста на нејзиниот поздрав нагло ја изостри сликата што ме имаше опфатено во својата деструирана многудимензионалност.

„Не очекував вечерва да те видам во ова атомско засолниште“, рече таа со еден изненадувачки интимен тон.

Таа посредна контаминација на ионака контаминираниот надворешен свет ми ја направи многу поблиска одошто воопшто можев да поверувам.

Ѝ понудива да седне, но таа одмавна со главата.

„Кога си веќе тука, би било подобро да излеземе од оваа дупка“, рече некако замислено.

Бев затечен. Иако не можев да најдам никаква причина за тоа, нејзината непосредност се чинеше сосема природна и разбирлива. Нашите болнички разговори, бездуго, беа патемни и занемарливи. Но сепак, таа некако постојано ме интригираше и сега наеднаш ми се пристори дека, всушност, знам премногу интимни нешта сврзани за нејзиниот живот. И веќе не бев сигурен дека тоа е само банална случајност.

Надвор истураше. Претрчавме до едно такси и веќе прокиснати до кожа се втурнавме на задното седиште. Мислев дека повторното излегување на дожд ќе ме разбуди од гротескниот сон на животот, но сѐ беше попусто. Возачот беше жена со лице на средовечен маж. Се насмевна како за утеха и рече дека се надева оти нема да ни пречи нејзиниот пес. На седиштето до неа, како фосфоресцентен Кербер, седеше големо куче без крошна на муцката и сосема упорно и испитувачки гледаше во нас. Кога ја промрморе адресата, и самата Розе ми се пристори поинаква, подисплашена и премногу тивка. Жената-маж сѐ уште не го палеше моторот. Се врткаше нешто на своето седиште и најпосле го запали помошното ламбиче кај ретровизорот. Од еден преградок изваде план на градот и почна да го раздиплува.

„Всушност“, рече таа со некаков португалски акцент, „јас вечерва ја започнувам оваа работа, па сѐ уште не ги знам добро улиците“.

Го изгасна ламбичето, и конечно тргна.

Улиците беа празни. Тука и таму болснуваа неонски реклами и по некој неприродно осветлен прозорец во долгите редови заспани куќи. Дождот пласкаше врз шофершајбната и во крупни млазови леташе на сите страни.

„А кучево?“ – реков.

Розе сосема се впи во мене.

„Што кучево?„ – праша жената-маж. Притоа нагло се сврте и една случајна ламба блескотно ѝ го осветли грдото лице. „Па тоа е заради арамии“, рече едвај отворајќи ја устата.

„Значи дотаму дотуркавме“, помислив и низ главата ми прелетаа најнеобични слики врз кои се истураше многу снег, божествено бел, светликав, крцкотлив, кристално прозрачен, со снегулки врз чии врвови невино болснуваа златни ѕвездички како на старите божиќни честитки. Сестра ми Бубе хукаше во скрежот на прозорецот, а долгите, разнишани плетенки ѝ беа посипани со тој гримовски укит. Од маглата што се движеше во големи меури како да врие, наеднаш излезе Унгарецот Токоди Вилмош со убав бел гулаб и нагло му ги ослободи крилјата и нозете, ширејќи ја вцрвенетата од студ дланка. Перчејќи го паунесто својот додворувачки опаш, гулабот малку се провртка, скокна на неговото рамо и одлета меѓу врвовите на боровите што повремемно изнурнуваа од маглата. Тоа беше сосема чудна слика. Зашто, Токоди Вилмош беше ловец на змии. Правеше одлични тенгала со и без чатал и, чекајќи ги на присојни места, кон змиите се однесуваше со праисториска почит. Во својата детска омаеност воопшто не се сомневав дека Вилмош е еден од ловците што ги гледав во книгите насликани по пештерските ѕидишта. Отепуваше многу змии и ги собираше на едно место, а потоа, посипувајќи ги со бензин, ги спалуваше како на жртвеник. Бубе и јас воопшто не го сфаќавме тој ритуал, но сосема сигурно знаевме дека тој не ги мразеше змиите. За него тие беа суштества до кои омразата не допира.

Посредноста на тие мисли не ми беше јасна, но имав чувство дека Розе сега сѐ повеќе се впива во мене, дека неверојатно се издолжува и со своето веќе мразно тело сиот ме обвиткува. Лазејќи пругоре, од петиците кон вратот и челото, таа го истегаше долгиот шарен опаш, настојувајќи да го голтне и да го затвори мистичниот круг на сопственото постоење.

Со ужасна нелагодност нагло ги отворив очите. Сиот бев намовнат од студенило и некаков неразбирлив страв. Розе, како да ги презела моите морници, жестоко се стресе покрај мене. Се почувствував глупо заради таа неочекувана инфантилна дремка.

„Изморен сум“, простенкав тивко, загледувајќи се тапо во фосфоресцентниот Кербер што упорно зјаеше во мене, крлајќи се на предното седиште при секое влегување во кривина.

Но бесмислената приказна со таксито заврши нагло.

„Тука сме“, рече кратко жената-маж, запирајќи го автомобилот крај еден осветлен киоск.

Дождот стивнуваше и не моравме да претчуваме до куќата на Розе. Во далечината болснуваа неми секавици. Не знам зошто, но нашето преминување на тротоарот ми се стори предолго. Всушност, сѐ како да имаше продолжено траење. Барот „Индекс“ веќе ми се чинеше како далечно минато. Веројатно некаква пребрза мисла ги оставила зад себе елементите на стварноста – нашите гласови, нашите чекори. Уличната акустика, така натопена од ѕвонкиот озон, сосема извесно ги забавуваше звуците и шумовите и чувствував како од нашите суштества се издвојуваат две сплотени сенки и се упатуваат кон некое друго, негибнато време.

Застанав за миг и се обѕрнав. Сосема во длабочината на улицата нешто се случуваше. Низ густиот мрак што ја притискаше населбата ваму-таму претрчуваа некакви брзи суштества. Се чинеше како да се мушкаат меѓу живите огради и со хукање ги гаснат проретчените ламби. Кога нагло го свртев погледот, ја видов Розе како спокојно исчекорува од чудесниот, трепетлив светлосен круг што, чиниш, незабележливо ги следеше нашите движења. Истрпнав, зашто таа наеднаш повторно ми заприлега на онаа иста претприемлива артистка, готова да се заплетка во мачни афери или да скокне од хотелски прозорец. Ми идеше да се свртам и да избегам. Но, исчезната за миг во сенката на влезот, Розе веќе чкрапна со клучот во бравата. Ја отвори вратата, и во длабочината на станот, како да бегаа пред неа, по аглите се палеа притивнати румени ламби.

Зачекорувајќи во тесното влезно ходниче, затворајќи ја речиси несвесно зад себе вратата, само почувствував дека тука нешто не чини, оти нешто ми пречи. Сето тоа беше неодредливо и секако беше само дел од мачната депресија што како големо тркало се вдаваше врз овој разнишан свет, но чувствував како ме растревожува нешто препознатливо, нешто во мене што воспоставуваше однос со таа питома атмосфера. Тоа беше тивок дом, чист и уредно наместен, со многу слики по ѕидовите и без одвишни дребулии наоколу. Но нагласената одмереност како да упатуваше на страв од поместување на рамнотежата. Имав чувство дека мебелот е причукан за подот. За малку ќе посегнев по фотелјата пред мене за да ја поместам, да се уверам дека не се наоѓам во офицерски салон на некој голем, прекуокеански брод. Доколку беше така, ништо немаше да ме разувери во тоа дека врз нас секако ќе се истурат жестоки бранови и оти бродот ќе го пресечат надве.

Еден неочекуван телефонски повик, на кој Розе одговори кратко, нагло ја подвлече сета несоодветност на моето присуство во нејзиниот живот. Не знам, можеби беше обратно. Не се разбирав себе си, па не можев да ја разберам ниту нејзе. Што, всушност, бараше таа од животот? Под овој покрив сѐ беше така беспрекорно дефинирано. Бев сигурен дека и во прирачниот телефонски именик имињата и броевите се запишани со калиграфска вдахновеност и прецизност. А јас, како некој панаѓурски магионичар, од секој џеб можев да извадам поткинати опомени за неплатени сметки, предмети мрсни од долга употреба, конфузни писма од Муна, недопишани текстови, магнетофонски ленти со измислени соговорници, огласи за станови…

Ѕидовите беа тивки, не слушав никакво шушкање на непожелни уши од другата страна. Тешките завеси господареа над спокојот. А Розе, сепак, бегаше од сето тоа, бараше нешто друго. Ја замислив како во афект, по некаква глупава караница со Тачи, притрчува до прозорецот од хотелот и бргу се искачува над бесмисленото велеградско сивило, над длабокиот, нечист, каллив тротоар, готова да скокне, да се прости со своите амбиции и за последен пат да го привлече вниманието на некои завјасани минувачи. А ете, сега, штотуку извлечена од вресокот на барската атмосфера од која неочекувано изнурна пред мене, таа оставаше впечаток на стамена, млада жена, стопанка, желна и пожелна, господарка на сопствените мисли и постапки. Настојував да мислам бргу, да ги дофатам тие нејзини фасцинантни мутации, но сѐ ми се чинеше попусто. Просторијата беше затоплена и, опуштајќи се во лагодноста што ме опфаќаше, знаев дека прашањата и одговорите што ми се маткаат во главата се дел од раздробениот сон од кој, ете, безуспешно се бранев.

Но сепак, лежејќи подоцна во полутемната, топла бања, буквално потопен во тривијалната сласт на капењето, наднаш сфатив дека во мојот живот е сѐ така испрекршено. Настаните, очигледно, немаа никаква смисла ни последователност. Ништо не доаѓаше до својата цел. Сѐ остануваше на полпат, без конечна дефиниција и разврска. Збиднувањата само се трупаа во мојата свест што се напрегаше да ги поврзе, да ги оправда, макар со некаква проекција некаде во иднината. За миг не можев дури ни да си спомнам зошто воопшто се најдов во барот, па во необичното такси и, најпосле, во овој туѓ и непознат дом. Навистина, тоа беше само секавична амнезија, но од напорот да се присетам изнурна едно одбивно чувство на нелагодност, што ме полазуваше некаде под самата поврвнина на телото, речиси под кожата, како некоја бесмислена јанѕа од која нема куртул. Ги напрегнав мислите, но знаев дека сѐ е попусто. Постојано ми се наметнуваше само една празнина во која како да отчукуваше некој фантастичен телеграф врз белата лента на бесконечното, развлечено глувило. Бев изморен и решив за тоа да мислам утредента. Но ни тоа воопшто не ми помогна. Мачнината не можев да ја испуштам со нечистата вода од кадата.

Излегувајќи од бањата, ги слушнав неколкуте последни слогови што ги изговори Розе во телефонската слушалка што веднаш ја спушти. Се разбира дека тоа не беше момент за загадочни телефонски разговори и се чувствував раздразнет.

„Неспокоен сум“, реков.

Тоа ми се откачи нанесакана, но на Розе тоа веројатно ѝ зазвучи како тивок протест на љубоморен маж. Веднаш ми пријде и ме гушна како што тоа го прави суштество сосема опуштено во спокојството на интимниот живот. Сега веќе знаев и што, всушност, ме вознемирува, но тоа беше глупава безначајност и не сакав, изговарајќи ја, да ја нарушам неочекуваната рамнотежа што ја создаде Розе со својот нежен, емотивен гест.

„Будалче“, се насмевна таа. „Па, сѐ е во ред“.

Сфатив дека неме разбрала.

„Всушност, што е во ред?“ – ја прашав, загледувајќи ѝ се право в очи.

Ѝ беше сосема јасно оти знам што мисли и се почувствува глупо. Повторно се насмевна и ме повлече кон спалната соба.

„Треба да се одмориме, нели?“ – рече.

Пуштив да ме поведе. Имаше во тоа препуштање и малку ненамерна итрина. Но кога дојдовме до вратата, застанав и ја привлеков кон себе. Повторниот допир на нејзиното тело, нежните рабови на гаќичките под ноќницата, благата ослободеност на нејзините гради – сето тоа проструи низ мене како еден прекрасен, препознатлив опит. Почувствував жестока потреба веднаш да ја затвориме вратата и да се затрупаме во белината на постелата, токму онака како што тоа во дамнешните младешки соништа го правев со мојата интактилна Вањичка Вомбек од едно зафрлено планинско село. Тогаш бев премлад за да ја сфатам привидноста на нејзината недопирливост. Лунѕајќи тоа рано лето низ околните кории, прескокнувајќи ги брзите планински поточиња, спростирајќи се во сенките на бујните хортензии што ги имаше насекаде, јас едноставно чувствував како растам, како ми се издолжуваат нозете и израснуваат од ногавиците што стануваа сѐ покуси. Но сеедно не бев во состојба да ги појмам тие промени, иако бев свесен дека со мене се случува нешто битно и оти станувам инаков. Дури во аскетската скудност на собата во која што престојував нештата почнуваа донекаде да се дефинираат. Во самрачните саати, по доцните спокојни попладниња натопени од сеприсутниот омаен мирис на двете стари липи во дворот, кога во селото се палеа првите ламби, а светлината ги менуваше улогата и смислата на нештата што ме опкружуваа – се случуваше нешто што за долго на моите мисли и постапки им даваше значење. Никогаш не разбрав зошто, но секоја вечер во исто време на вратата од куќата во која живеев се појавуваше Вањичка. Прозорецот од мојата соба беше сосема длабок и не можев да видам дали донесува или зема нешто, а односот што од првиот ден го воспоставив кон неа не дозволуваше ни да помислам да се наведнам и да ѕирнам. Ги слушав само измешаните гласови што допираа одоздола сосема придушени и неразбирливи, а по единственото јасно изговорено „насвидење“, Вањичка заминуваше низ широкиот двор со чекор на суштество свесно дека го следи нечиј упорен поглед. На самиот излез од дворот, затворајќи ја зад себе портата, таа неизбежно се свртуваше кон куќата и се загледуваше во мојот прозорец. И тоа беше сѐ. А сепак, меѓу нас се случуваше нешто многу побитно. Низ самракот, со тие погледи што никогаш не се пронаоѓаа, ние си упатувавме тајни пораки на чудесна бестелесна интимност. Навистина, таа се одвиваше во фасцинантните и неповторилви соништа, но со првата светлина на студеникавото планинско утро заминуваа само возбудливите ноќни претстави. Сета друга возбуда остануваше длабоко во нас.

За момент таа слика со Вањичка како да немаше смисла, но јас наеднаш сфатив дека препознавам едно мое дамнешно, сподвижничко, еруптивно чувство што, низ разводнетите години низ кои што минував сѐ позбунето, полека ме напуштало како што се напушта добар другар во кој, ете, веќе се нема доверба. Беше неверојатно како воопшто не сум ја забележал таа стравотна промена. Сета моја огромна љубов што така, речиси заканувачки сум ја давал, барајќи исто толку многу, сега ми заприлега на тешко, сиво и влажно утро во мочурливи предели низ кои, како последен знак на интимност, татни далечна камбана.
Зарем навистина сѐ било така студено?

Да, со малку храброст тоа мораше да се признае. Па тоа беше долг период на истрпнатост, на живот под морање и насилна целисходност на постапките. Со години не сум исчекорил од редот чиишто правила се пропишуваа сами и што од несфатливи причини ги прифаќав како свршен чин. Бев свесен дека живеам со запуштени чувства, но сепак, воопшто и не помислував дека разурнувачката рамнодушност се вовлекла и во мојата исконска потреба од љубов.

Секако, со Муна тоа беше нешто друго. Таа беше белег на времето што го живеевме и ние едноставно бевме упатени еден кон другиот, опстојувавме така над некој неодредлив раб, кревки и несигурни над неговата понорна длабочина.

Но сега, тука, во заводливата, топла полутемнина, ја чувствував Розе како ме преплавува, како ме обзема со сета неспитомлива сила на растреперено младо суштество што го отфрла тапото значење на причините.

Речиси незабележливо ја затвори вратата зад нас и неочекувано исчезна во мракот. Додека се обидував да го наслутам просторот, нејзината сребреста рака пронајде некаков залутан зрак однадвор и се поддаде меѓу тешките пердиња. Нивното шумно повлекување само малку ја измени атмосферата, но дождот одново нагло запласка и Розе повторно се впи во мене. Стоевме загледани во темниот, каллив, депресивен двор, но таа можеше и дури неочекувано да седне крај своето пијанино, што како да изнурна од опскурното катче крај прозорецот, и да засвири нешто сосема полетно, заносно, а јас сепак ќе знаев дека во сето ова што се случува или има нешто одвишно или, пак, нешто секако недостасува.

Како однекаде далеку исфрлена, пред мене нагло пласна одбивната слика на претстојното изнудено селење. Знаев оти токму тоа, како подмолно заканувачко петно, тук-таму се јавуваше со сета мачнина на неизвесноста, раздробувајќи ја немилосрдо секоја едвај воспоставена смисла. Во тоа време од годината беше и тешко да се најде некаков покрив над главата, но јас имав среќа, и во најзафрлениот и најнечистиот крај на градот најдов едно неголемо станче. Стопанката, кутро женче со три дечиња што ваму-таму се тегнеа по неа, рече дека ѝ е жал што во бањата сѐ уште не е поставен бојлер. Го купиле одамна, но мажот ѝ неочекувано го однесле во затвор и, ете, си остана така ненаместен. Меѓутоа мене местото и не ми се виде така лошо. Куќите отспротива изгледаа малечки како на разгледница, па и прозорчињата некако им беа питомки. Не гледав ништо заканувачко во нив. Но, едноставно, не можев да најдам никого што по вакво време би прифатил да ме сели. Зимата, дождовите, моето очигледно неспокојство, црното ветво палто – сето тоа не им влеваше никаква доверба на неколкуте нерасположени камионџии. Господ знае што подобра работа очекуваа.

„Ми студи“, рече Розе. „Ајде да си легнеме“.

Нејзиниот глас ме сепна од таа вкочанетост, но не реков ништо.

„Опушти се“, рече таа. „Немој сѐ да расипеш“.

Сега веќе исчекорив од својата отсутност. Смислата на тонот со кој ми се обраќаше беше точно дефинирана. Не, во никој случај тоа не беше онаа вистинска Розе што скока од хотелски прозорци. Бев сигурен дека и она што го изговори потекнува од некоја нејзина подобра ролја. Таа мисла ми беше поблиска од неочекуваната илузија што за кратко ме подгреа.

(Продолжува утре, во недела, на 24 декември)