Марко КИТЕВСКИ

(МАКЕДОНСКИ ЦРКОВНО-НАРОДЕН КАЛЕНДАР)

 

ДЕН КОГА ВОДИТЕ СТАНУВААТ ЛЕКОВИТИ

Именден празнуваат: Богдан, (значи даден од Бога) Богдана,

Божана, Бојан, Бонка, Богомил (значи мил на Бога), Јордан,

Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Дарин, Јован, Јованка, Јонко,

Јонка, Јоана…

Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно поче­ток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски праз­нувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

Значи, празникот Богојавление се однесува на настанот на Христо­вото крштевање во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, кој уште се вика и Претеча што значи претходник. Тој со своето учење одел пред Исус, што значи му претходел на Исус и затоа е наречен Претеча. Св. Јован го повикувал народот на покајание и му кажувал дека е дојдено времето кога ќе се појави Спасителот на Светот. Притоа луѓето ги крште­вал со вода и им кажувал дека тој што ќе дојде по него ќе ги крсти со Свет Дух. „Јас ве крштевам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ременчињата на обувките Негови. Он ќе ве крстеи со Дух Свети и со оган.“ (Лука, 3/16)

Овој настан се нарекува Боголавление (Епифанија – јавување). Во почетокот на празнувањето на Богојавление, во овој празник биле слеани повеќе спомени, меѓу кои и Раѓањето Христово. „Во четвртиот век праз­ниците биле одделени, така што Христовото раѓање било пренесено на 25 декември, на денот кога паганите го празнувале богот на Сонцето, а христијаните го празнуваат Сонцето на правдата.“

Крштевање значи потопување. И гусарите кога планирале да по­топат некој брод велеле ќе го крстиме. И крштевањето се изведува преку потопување во водата. На тој начин верникот излегува од водата измиен од гревовите. „Според Јован Дамаскин Христос се крсти за да ги уништи главите на демоните во водата, бидејќи постоело сфаќање дека демони­те живеат во водата; за да го измие гревот и да го погреба целокупниот стар Адам во водата, за да го освети Крстителот затоа што не го освети Претечата Христа, туку Христос го освети Претечата, кога последниов ја стави својата рака врз Христовата глава; за да го исполни законот; затоа што Он Самиот го даде и не требаше да испадне негов престапник, за да ја открие тајната на Света Троица, бидејќи во тој час имаме јавување на Света Троица; за да стане образец на нашето крштение коешто е соврше­но крштение и се врши со вода и Дух Свети.“

Со своето крштевање во реката Јордан Исус ги освети водите. И денес на денот Богојавление се извршува осветување на водите „Така по осветувањето водата престанува да биде вода на падот и станува вода на обновување, бидејќи се соединува со несоздадената благодат Божја“.

Богојавление бил празник на многубожниот бог давател Дајбог кој ги исполнувал желбите на луѓето кои му се обраќале при отворањето на небото. Имено, според верувањето, ноќта спроти празникот, точно на пол­ноќ, на глуво доба, се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекале тој час Бог им ги исполнувал желбите. Според едно предание од Охрид што го забележал Кузман Шапкарев некој човек што овој миг го гледал низ прозорецот сакајќи да има еден осмак пари по погрешка рекол: „Дај ми Господи, еден осмак глава.“ И за чудо на часот главата му пораснала колку еден осмак, та не можел да си ја тргнит назат од пенџерата и му останала надвор од пенџерата, а тој како закоан на неа.“

Тој час како што се верува и водите престанувале да течат за миг и биле многу лековити. Од таа вода да се налеело можело да се лекуваат разни болести. Ако пак не се налеела во тој миг водата можела таква да се направи откако ќе се освети (покрсти) по специјален обред што го из­ведува свештеникот.

Водици се празнува два дена. Првиот ден 19/6 јануари, освен Бо­гојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вто­риот ден 20/7 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шапкарев во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пеана (светена) вода. Истиов обичај го забеле­жала и Вера Кличкова 137 и смета дека поради овие обичаи првиот ден се вика Машки, а вториот Женски Водици. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.

Карактеристично за празникот Водици е што тој се празнува во по­големи или помали групи што се викаат компании, кумства или братства. Некаде тие групи се формираат по маала, а некаде по фамилии. Сите чле­нови од компанијата се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со „светијоване“, „побратиме“ и сл. Според дамнешните сфаќања што ги прифатила и црквата кумството е сродство па за кумовите како и инаку за крвните роднини важи законот за егзогамијата. Ако се земе предвид дека во христијанската религија Свети Јован го крстил Исус Христос зна­чи тој го има кумството. Во песната од Западна Македонија „Или тотнет ил се земја тресет“ објавена во зборниците на Јастребов и Икономов во силна борба Свети Јован го добил кумството и побратимството:

Свети Петар клучи од рајове,

Светʼ Илија – силни секавици,

Свети Јован – кумство, побратимство,

Неделица – празник да празнуват.

Секоја компанија има свој кум кого уште го викаат и Свети Јован. Тој го чува крстот една година од едни до други Водици, што значи за тоа време го има кумството. Менувањето на кумството се врши по стро­го востановен ред, најчесто по старост. К. Шапкарев забележал дека во некои села во Охридско крстот, а со тоа и кумството се откупувале со наддавање.

Еден ден пред празникот, на 18 /5.I е Водокрштение, некои го вика­ат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето односно ос­ветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост односно пост на вода, односно затоа што тогаш се крштева (осветува) водата. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што ѝ припаѓа на таа компанија. Свештеникот ги проверува крстовите дали се добро врзани. За

добро врзани се сметаат тие на кои босилекот е од предната страна, врзан со црвен конец. Притоа треба да има толку гранчиња босилек колку што семејства има компанијата. Ако крстот не е добро врзан свештеникот го преврзува така како што треба. Откако ќе ги провери сите крстови ги пее сите заедно, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата, и другите простории и има цел да ги избрка сите лошотии. Прс- кајќи од оваа вода кумот благословувал:

Кај што помина чесен крст,

да е чесно бериќетно,

кај што капнало капка вода,

сребро и злато да капит,

да се родит бериќетот.

На Богојавление главен настан е фрлањето на крстот во водата. Во Охрид крстот се фрла во езерото, во Скопје во Вардар, а по селата во реките откако претходно ќе се направи голем вир. Крстот го фрлал по­пот откако ќе отпеел молитва. По крстот скокале неколку момчиња, но нивниот број секогаш морало да е непарен (лио), тројца, петмина или седуммина. Тој што ќе го извадел крстот од водата добивал подароци. Се верува дека по овој обред водата станува осветена, а со тоа и лековита, поради што сите присутни полнат од оваа вода и ја чуваат во текот на це­лата година за лекување на разни болести како на луѓето, така и на доби­токот. Попладнето по коледица одат мажите, но само по куќите од својата компанија. Собираат подароци, месо, леб, пари и друго, благословуваат и пеат песни.

Вториот ден од празникот, Собор на Свети Јован Крстител, имен­ден прославуваат Јовановци. Овој ден се вика уште и Женски Водици поради што главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. По­крај другото на овој ден жените одат по коледица, и тоа само по куќите од својата компанија. Најпрвин една девојка облекуваат во невестинска облека, таа бацува рака и ги собира подароците, најчесто пари. Одејќи низ селото водичарките пеат: „Појдов дојдов низ село/најдов сено косе­но…“ во дворот од куќата: „Овде дворје метени/овде моми плетени…“, во куќата на секој член од семејството му пеат посебна песна во зависност од неговата старост и положбата во фамилијата. На домаќинот му се пее песната:

Домаќине Стамјанине,

дали пиеш или спиеш,

ако пиеш весели се,

ако спиеш разбуди се.

Долетало лепо пиле

на рамена на Стамена.

Тогај велит домаќинот:

‒ Ај подајте лак и стрела,

да застрела ова пиле.

Одговори лепо пиле:

‒ Не сум пиле за стрелање,

тук сум пиле аберџија,

абер носам од далеку,

ти си имаш мила сина,

царот има мила ќерка,

двајца да се сосватите,

и пак да се понашате

како вејка со јаболка,

како нива со пченица,

како трло со јаголнца.

На жена со машко дете ѝ се пеела песната: „Има мајка мила сина“, на жена со ќерка: „Има мајка мила ќерка“ или „Има мајка мили ќерки“, ако имала повеќе женски деца, а на жена без деца и се пеела песната „Еливер ми коња коит“143 итн. Според содржината но и според начинот на исполнувањето овие песни се блиски со лазарските песни.

Најсвечено и највесело е вечерта кај кумот кога се одврзува крстот и кога кумот му го предава крстот, а со тоа и кумството, на новиот кум. Стариот и новиот кум седнуваат еден до друг, кумот го одврзува крстот и на секоја фамилија од компанијата ѝ дава по еден страк од босилекот и по дел од црвениот конец со кој бил врзан крстот. Потоа крстот му го предава на новиот кум и му го честита кумството. По ова неколкумина мажи го креваат новиот кум три пати високо, до таванот, а сите присутни стануваат и пеат:

Сопаши се, стари куме

опаши се, нови куме,

личен Господ се распашал,

со јариња, со јагниња,

со дечиња во куќава,

со бериќет низ полено,

танки ржи до шлемиња,

пчејнците до гредите,

јачмењата до појаси,

а урвите до колена.

Исчекале и в година,

и в година и за многу

сосе рода што имаме

и мајкина и таткова.144

Додека го креваат кумот тој благословува да се живи луѓето, да се јачи компанијата, а потоа на низата со пари околу крстот врзуваат уште една пара што означува уште една успешно помината година. Од сиве овие активности на кумот може да се види дека во народното верување тој ја претставува врската со богот заштитник.

Во Разлошко вечерта спроти Водици (Јордановден) се правела „По­пова најатка“, со посна храна исто како и на Бадник. На овој ден свеште­никот одел низ селото и со светена вода ги прскал куќите, со што ги от­странувал злите демони познати како „караконџери“. Со тоа завршувале и Поганите денови. Во селото Елешница, следниот ден на Водици, по службата во храмот „Св. Атанасиј“ народот заедно со свештеникот, оделе на реката каде што го фрлале крстот во водата. При овој чин тројца мажи пукале со пушки во воздухот. По фрлањето на крстот и осветувањето на водата сите се миеле за здравје, а вода носеле и дома, за да се измијат тие што не можеле да појдат на реката, како и за да ги попрскат просториите во куќата и во шталата кај стоката. На тој ден на реката ги крштевале де­цата родени во Караконџеровите денови, зашто таквите деца не ги крште­вале во црквата.145

Во минатото Богојавление бил празник на цела Струга без разлика на вера и народност. На фрлањето на крстот во реката Црн Дрим при­суствувале сите, и христијаните и муслиманите. По фрлањето на крстот во водата сите се миеле за здравје. Ржана слама (чукајнца) најмногу на­топувале муслиманите зашто тие повеќе се занимавале со земјоделие и сточарство. Со водата земена од реката се попрскувало во куќата, дуќа­нот, кај стоката итн. Водата наполнета на Водици се чувала преку целата година за лекување.146

Во селото Битуше 147 на овој ден и денес се одржуваат богати оби­чаи, кои иако се познати во овој крај досега останаа недоволно афирми­рани меѓу пошироката јавност. Денес во Битуше има два крста, односно две куќи ги предаваат, и две ги земаат крстовите за овој празник. Порано селото имало само еден крст но се случувало некој да не доживее да биде кум и да го чува крстот. Поради тоа селаните решиле селото да има два крста. Подготовките за празнувањето на Водици во Битуше почнуваат уште на Танасовден (Св. Атанасиј, 31 јануари) што значи скоро цела го­дина порано. Тогаш новите кумови во црквата „Св. Архангел Михаил“ даваат збор (се заречуваат, се заколнуваат) дека ќе бидат носители на селското кумство. Но непосредните подготовки за Водици почнуваат на Василица, со замесувањето на лебовите, обред што се изведува доста све­чено и што содржи многу оригиналност. Ноќта спроти Василица, малку по полноќ девојка со живи родители, или млада невеста облечена во све­чена девојчинска облека, или во невестинска облека со две стомни оди да налее вода на една од селските чешми. На враќање крши три дренови гранки што ги става во стомните за водата да се дреноса. Во прашање е верувањето дека дренот може да обезбеди здравје за целото семејство. Во домот водарката ја чекаат месариите кои по нејзиното враќање ја пеат песната:

‒ Добре ми дојде свети Јоване!

‒ Добре те најдов еј нови куме!

Не уплаши се ток зарадви се,

сам свети Јован заире носет,

заире носет бела пченица,

бела пченица ведро ракија,

ведро ракија две ведра вино,

две ведра вино крава јалова…

Со донесената вода девојката или младата невеста ги замесувала првите пет леба, по што месариите ги замесувале останатите лебови за празникот. Бидејќи во поново време се купуваат готови лебови, во изве­дувањето на обредот се месат само пет леба. На Василица се изведува и обичајот канење „На кумство“. Имено тогаш девојки или млади невести, од двете куќи што го земаат крстот, свечено облечени и со специјални карти за канење „зовачки“ полни со вино го канат целото село да дојде „На кумство“, а девојките и младите невести се канат да бидат кумстар­ки. На 17 јануари од куќите што го испраќаат крстот праќаат по едно девојче низ селото да кани на „Сучење врвца“ и на „Праќање кумови“.

Овие обичаи секогаш се изведуваат навечер. Тие што доаѓаат за овие оби­чаи поздравуваат со: „Да ви е напомош свети Јован“, на што домаќините одговараат: „Секому да помага“. Овие два обичаја се изведуваат во двете куќи коишто го испраќаат крстот, односно кај старите кумови. На софра­та се и кумовите што ќе го носат крстот во манастирот „Свети Јован Би­горски“. Кога ќе почнела вечерата две жени свечено облечени во народна носија, застанати во спротивните ќошови од куќата, поткачени на стол­чиња ја сучат врвката, со која се врзуваат крстот и босилекот. Врвката се сучи од бел и црвен конец, при што едната жена врзува на лево, а другата на десно. При сучењето се пее:

Јадите, пите, веселите се,

ова е софра свети Јованова.

Сам свети Јован заире носит.

Носите го, носите го,

гравот од грашишќе,

да го јадет, да го јадет,

овие чесни гости,

чесни гости, чесни гости,

свети Јованови…

Кога босилекот ќе биде врзан на крстот започнува опростување од крстот. Прв се опростува домаќинот со тоа што по прекрстувањето (три пати) го дарува крстот со пари. Потоа истото го прават и домашните и гостите. Потоа кумот зема бакарно котле полно со вода, во него го става крстот ја нарамува торбата со храна и ги поведува кумовите кон манасти­рот „Свети Јован Бигорски“. До местото Лајковец кумовите ги испраќаат попраќалените при што ја пеат песната:

Збогум, со здравје свети Јоване,

ноќа те праќа, рано те чека,

утре те чека силноно село,

силноно село, се весело…

По пристигнувањето во манастирот сите крстови се ставаат во го­лем котел полн со вода каде што свештеникот ги опева односно ги осве­тува и крстовите и водата.

Рано наутро на 18 јануари со биењето на камбаните кумовите трг- нуваат кон селото Битуше. Кога ќе пристигнат кај местото Лајковец нив ги пречекуваат деца со лончиња (маштрапи) во кои кумовите им тураат светена вода (ајазмо) да се напијат „на гладно срце“ и да однесат во домо­вите. Кога децата ќе донесат дома од ајазмото, сите пијат за здравје. потоа попрскуваат низ куќата, а останатата вода се чува пред иконата, за да ја чува куќата од разни несреќи и да обезбедува напредок.85 86

Кумовите, со крстот и светената вода, одат во домовите на стариот и новиот кум, а потоа шетаат низ селото посетувајќи ги сите куќи. Одејќи низ селото го пеат тропарот „Во Јордање крештајутсја Тебја Господи…“ Во домовите ги пречекуваат со ставена богата софра секогаш со посна храна. На софрата главниот кум што го носи котлето со светената вода ја пресекува погачата, ја попрскува со вино, а потоа сите простории на куќа­та ги попрскува со светена вода. Еден од кумовите фрла сол во оганот, го распретува и благословува да се сили куќата, „да се роѓает мошки деца, женски телиња, јариња. Да е куќа силна и весела.“ Ова се повторува во сите куќи по што кумовите ги носат котлињата со вода и со крстовите во селската црква „Св. Архангел Михаил“ каде што ги оставаат да преноќат.

Интересен обичај е и одењето по костење, што се изведува вечер­та во домовите на новите кумови. Тогаш се носат и таблите за кревање на кумството. На софрата, домаќинката со полна табла костени ги пос­лужува и секој зема толку костени колку што има членови семејството и уште по едно за куќата и стоката, а нивниот број секогаш мора да е непарен. Ако некој не присуствува на овој чин костење му се испраќаат во неговиот дом за да не се почувствува одделен од селото. Потоа сите се гоштеваат и пеат песни меѓу кои и споменатата песна „Добре ми дојде свети Јоване…“ Ноќта во двете куќи на новите кумови се распоредуваат таблите, се формира колона на кумстарките така што на почетокот се же­ните, а потоа девојките.

Интересни, би рекле, ретки обичаи во ова село се изведуваат на 19 јануари, на празникот Богојавление ‒ Водици. Рано наутро на овој ден сите луѓе од селото одат во селската црква „Св. Архангел Михаил“ каде што присуствуваат на црковната служба, потоа ги земаат иконите, бајра­ците, крстовите и одат низ селото, обред што се вика „По крсти“. Колона­та оди низ селото по строго утврдена патека. Најнапред оди свештеникот со бакарно котле со светена вода, со крстот и босилекот во водата, а по него селаните. Најпрвин застануваат кај Милошевската чешма каде што се осветува водата, а потоа На јаз каде што крстот се фрла во водата. При одењето низ селото поворката ја пее песната „Крсти носиме Бога молиме“. По фрлањето на крстот во водата тој се носи во селската црква, по што девојките и невестите одат во домовите на новите кумови каде што се изведува обичајот Кревање кумство. Секоја си ја зема таблата (со лебот во неа) по ред онака како што се поставени на масите. Таблите се покриени со бела шамија. Сите тргнуваат кон црквата во обред што се вика По крстот. Напред оди домаќинката и нејзината табла е најголе­ма и во неа има три леба и три гранчиња од дрен. По неа одат другите кумстарки. Колоната до Пред црков пее водичарски песни како „Добре ми дојде свети Јоване“, а пред црковната порта и песните: „Пролетал ми сиви сокол од море“, „Еребице, препелице“, „Заспала ми је бела Марија“ итн. Потоа влегуваат во црковниот двор каде што е собрано целото село и каде што се формира Свети Јованово оро придружено со песната:

Петар и Павле две ора водет,

Петар Павлеве му се молеше:

‒ Покроткум Павле, покроткум брате,

покроткум ви го витото оро,

ил се невести морни, уморни,

ил се девојки морни уморни.

Цел ден денеска крсти носеме,

крсти носеме, Бога молеме!

Да му е жива... (се редат имињата на машките членови на семејството според возраста).

По изигрувањето на ова оро кумстарките од куќата на првиот кум одат во селскиот културен дом, каде што го оставаат лебот. По нив во црковниот двор влегуваат кумстарките од куќата на вториот кум при што се повторува истиот ритуал. Во тоа време во селскиот дом машките чле­нови ги сечат лебовите, а во канти или ѓугуми се дели кашкавал и сирење, леблебии (бобулки) и шеќерчиња, се послужуваат со ракија (студена). И додека трае веселбата во културниот дом, додека се играат ора и се пеат песни, домаќинките на двете куќи ‒ нови кумови одат во црквата каде што ги земаат крстовите. Свештеникот со молитви и благослови најпр­вин едниот крст ѝ го предава на домаќинката од првата куќа, а потоа и на втората. Тие со десната рака го држат на челото и тргнуваат кон своите домови. Свештеникот на сите присутни во црквата им дели кончиња со сучената врвка со верување дека ќе им се одврзе среќата ако им е заврзана (заплеткана). Додека одат од црквата до домот домаќинките со крстот се пее споменатата песна „Добре ми дојде свети Јоване“. Во домот крстот се остава пред иконата, а потоа доаѓаат кумстарките за кои е подготвена богата софра. По кумстарките ручаат мажите.

Вечерта на Водици целото село оди „С поклон“ кај првиот стар кум. Притоа се носи леб и му се честита свети Јован. Поклонарите се честат со ракија, а потоа им се дава вечера. Кај вториот стар кум „С поклон“ се оди следната вечер.

На вториот ден од празникот, Собор на свети Јован Крстител, на честитање именден се оди во куќите каде што има име Јован. Тогаш се оди и На бакрда во куќите каде што има млада невеста, како што се вели 87 88

„прва година земена“. Таму младата невеста ги почестува со ситно издро­бена пченкарна бакрда. Гостите бакрдата ја земаат од тепсија, и притоа благословуваат: „Колку тровчиња, толку дечиња. дечиња како мечиња“. Сите гости во оваа пригода пеат:

Варет се печет бакрда,

коде што имат невеста,

прва година земена.

Да се роѓает дечиња,

дечиња како мечиња.

Вечерта, како што беше споменато целото село оди „поклон“ кај вториот стар кум и со тоа празнувањето на Водици завршува.

Водичарските обичаи, верувања и песни покажуваат дека во Ма­кедонија до денес се одржале многу од старите и дека во нив се следат слоеви од најдалечното минато, односот кон словенскиот врховен бог, но и социјалната организација на селото, на компанијата и на семејството.