Зоран Спасовски
(Црковните превирања во 18 век и неупотребата на терминот „Македонец“/„македонски“)
Темата на овој текст се различни тврдења од различни страни дека терминот „Македонец“ никогаш не означувал посебен етницитет и дека никогаш и не се употребувал во историјата како ознака за кој било народ; дека се работи само за географски термин и дека со него не се означувал посебен етницитет. Ние овде ќе се обидеме, макар овој термин и навистина да не се користел одреден период, да објасниме зошто не се користел.
Имено, кон крајот на 18 в. биле укинати две балкански цркви: Пеќската и Охридската Патријаршија; Пеќската во 1766 год., а Охридската само една година подоцна, во 1767.
Во случајот со Охридската Патријаршија, знаеме дека укинувањето било постигнато со сплетка, во која Патријархот Арсениј бил наклеветен дека подготвува востание и бил повикан во Истанбул, каде бил принуден да даде оставка, по што црквата била укината.
Причината за укинувањето на двете била Константинополската Патријаршија, која потоа ја презела и јуриздикцијата врз нивното население и имоти.
А намерата со која Константинополската Патријаршија го направила тоа, била да го учи населението од двата простори дека е грчко. Така почнала со тоа население кое претходно било под Пеќската Патријаршија, така продолжила подоцна и со тоа под бившата Охридска. Се разбира, населението во нејзините оригинални јуриздикции веќе и оригинално било грчко. А која била целта на сето тоа? За кратко време да се добие население кое на целиот Балкан е „грчко“ и потоа да се крене општо востание кое, со оглед на неговата бројност, Османлиите не би можеле да го совладаат.
Колку тие грчки активности биле успешни, покажуваат податоците во врска со Охридската Патријаршија. Имено, како што вели Верковиќ, „Успехот (на оваа пропаганда, з.н.) бил толку молневит што дури и во времето кога поколението што го видело падот на Охридската Патријаршија, новата генерација била веќе повеќе грчка и од самите Грци“. А пропагандата пак, била толку успешна и надвор од Македонија, што подоцна, во 1861, Илија Гарашанин забележал дека до 1860 год., тој „не знаел дека во Македонија има Словени“. Настаните во врска со тоа пак, се опишани на следниот начин: „Војска го опколила домот на Патријархот и таа вест се проширила како молња низ градот. Луѓе веднаш дошле и нуделе сѐ што можеле за да поткупат; но не успеале. Кога ја чуле причината, крвта им замрзнала од таква клевета од црковни лица и пратиле луѓе низ сите други предели за да ги предупредат и другите навреме да се заштитат. Луѓето претпочитале да примат муслиманска вера и да бегаат низ планини, само за да не се потчинат под Грците. Епископот на Меглен, Иларион, бил толку изумен од таа постапка што и самиот го оставил христијанството и прешол во ислам и ја советувал својата паства да го следи тоа. Тие навистина и го следеле својот духовник и по негов совет, ги криеле словенските книги на скришни места“.
По некое време, и самите Турци го сфатиле тоа. По многу години бесцелни истраги, по многу уништени и осакатени човечки животи, сфатиле дека немало никакви заговори, немало никакви планови за востанија, дека обвинувањата биле лажни и дека вистинската опасност им се заканува од тие кои клеветеле – Грците. Но веќе било доцна. Над главите им висела опасност од масовно востание.
Што бил одговорот на Османлиите? Да ги свртат балканските народи едни против други, за да си купат време за себе. Навистина, некое време во игра било и давање автономија на Македонија. Но со оглед што претходно истото се случило со островот Крит, па Османлиите засекогаш го загубиле, за таа опција не се решиле. Наместо тоа, ги подгреале аспирациите на Бугарите, за тие да почнат да им пречат на Грците. Намерата било на тој начин Бугарите и Грците да ослабат во меѓусебен судир, а тие, Османлиите, да добијат на време.
И така тогаш самиот турски султан, за првпат во историјата, набрзина донел ферман со кој благоволил православна црква. Тоа е – бугарската. За само шест месеци потоа, таа комплетно „се нарачала“ од Виена – бидејќи била склопена од железни делови кои требало да се донесат; се донела во Истанбул, се монтирала и тоа е денешната Железна Црква во населбата Балат во Истанбул. Таа станала седиште на бугарската црква. И потоа, бугарската црква почнала со своите дејства.
Се разбира, ова воопшто не ѝ одело во прилог на Константинополската Патријаршија. Со оглед што таа била единствената православна црква која имала јуриздикција да основа или укинува други помесни цркви, таа го оспорила овој акт на Османлиската Држава. Односно, се обидела да го спречи основањето на бугарска црква со тоа што не ја признала. Но тоа не ги спречило ниту Бугарите, ниту Османлиите во нивните намери и затоа таа останала да се нарекува егзархија – непризнаена црква.
Бугарите сега жестоко почнале да го учат населението дека не е грчко. Османлиите им помагале со сѐ што можеле, и се отворил нов фронт: борба за душите на луѓето меѓу Бугарската Егзархија и Константинополската Патријаршија. Во меѓувреме, на никого од овие не им одговарало да се зборува за некакви Македонци. Нивната борба и така била во интерес на Османлиската Империја, па и самата Османлиска Империја го забранила официјално користењето на називите „Македонци“ и „Македонија“. И така, веќе никој не зборувал за Македонци; и едните и другите го учеле населението дека се Бугари или Грци, а „Македонец“ не смеело да се споменува. Во меѓувреме, се разбира, се отворил жесток фронт меѓу бугарската и Константинополската црква. И тоа ги спасило Османлиите од претходната непосредна опасност за едно здружено востание и им купило малку време.
Резултатот од сето тоа е познат. Грците го изгубиле претходното претежнување, но зајакнале Бугарите. Подоцна и Грците и Бугарите се ослободиле, но Османлиите успеале да ја задржат Македонија. Балканските народи сепак се ослободувале, еден по еден; меѓутоа, Турците сепак успеале да се задржат уште долго на Балканот.
И двете цркви уште функционираат во Истанбул. Константинополската, со седиште во населбата Балат (или по постаро Фанар), ја обединува грчката православната заедница во Истанбул. Егзархијата, со седиште во населбата Шишли, ги обединува бугарската и македонската. Македонската, со оглед што нема своја црква таму, повеќе гравитира кон бугарската отколку кон Вселенската. Освен седиштето во Шишли, објект на егзархијата е и Железната Црква малку подолу во Балат.
Тоа покажува зошто од некое време престанал да се употребува терминот Македонци и каде лежат корените на таа појава. Значи, не е поради тоа што немало такви, туку поради конкретни историски околности кои не им оделе во прилог. А тие настани се случуваат во времето на македонските преродбеници, браќата Миладинови, Григор Прличев итн. И тогаш, што биле Браќата Миладиновци, Григор Прличев и другите.? Со оглед што прво зборувале и пишувале на грчки? Грци? Бугари? Или, ни тоа ни тоа?
(Авторот на текстот е научен соработник во Институтот за македонски јазик)