Константин ДИМИТРОВ за Нова Македонија

…А по авантурата „Чебрен“ на маса е договорот за „стратегиска инвестиција“ (повторно со инвеститор од Грција) Митилинеос. Концесија на 30 години. Ние доделуваме земјиште, оформуваме „енергетска зона“ од 120 до 130 хектари, обезбедуваме приклучоци до границата на зоната (во просторот на Железарница Скопје) за електрична енергија, сообраќајници, природен гас, вода, канализација…

Инвеститорот, Митилинеос, треба да изгради когенеративна постројка со капацитет од 130 MWe и енергија за топлификација 90 MWth. Проценетата вредност на инвестицијата е 290 милиони евра. Во светски рамки, инвестицијата НЕ СМЕЕ ДА НАДМИНЕ 130 милиони евра. Имаме примери од соседството за такви реализирани постројки. Дали има коруптивни елементи? Јас не верувам, затоа што членовите на Владата се заколнаа дека ќе му служат на народот!

За да му посакаме добредојде на овој стартегиски инвеститор е подготвен Закон за државна помош во износ од 50 милиони евра. Наши пари, собрани од граѓаните, му се доделуваат како стимулација. Дали некој може да помисли дека овде има елементи за сомневање за корупција? Јас не верувам, затоа што членовите на Владата се заколнаа дека ќе му служат на народот!

Кои се придобивките на граѓаните во Македонија, особено во Скопје, со изградбата на оваа постројка? Ќе купуваме електрична и топлинска енергија со гарантирано количество и со пазарна цена (а можеби и малку поскапо). Ако не ја преземеме од редица причини (перфектно наброени во договорот), пак ќе му платиме како да ја произвел и испорачал.

За да биде јасно колку треба да му платиме на овој стратегиски партнер на годишно ниво и за време на периодот за концесија, основната пресметка за споредба е цената на АД ЕСМ и просечната пазарна цена: На годишно ниво, како разлика во цените е сумата од 94 милиони евра. За 30 години, таа разлика е речиси три милијарди евра (2.825 милиони). Timeo danaos ed porta ferentes!

Дополнителна придобивка е зголемувањето на емисијата на јаглен двооксид. Ама веќе сме навикнати на оваа состојба.

По потпишувањето на договорот со Грција, со кое е извршено предавство на националните интереси, забрзано (пред време) се спроведуваат сите преземени обврски од наша страна (промена на името на државата, на парите, личните документи, имињата на институциите, знакот на сонцето од Кутлеш…). А стратегискиот партнер, Грција, не помрднува ни со прст да ги оствари своите обврски. А договорот е асиметричен, исто како и договорот со Бугарија – целосно на наша штета.

Дали е тоа мое чувство или не, читателот сам ќе процени. Со доаѓањето на владеењето на Заев со неговиот тим, чудни работи се случуваат во секторот на енергетиката. Многу бргу беше купена компанијата за трговија со електрична енергија од сопственикот проф. К. Анѓушев (заменик-премиер) од страна на грчкото електростопанство. Обезбеден беше брз директен влез на државната компанија во енергетскиот сектор на Македонија.

Иако беше најавено отворање на нови рудници за јаглен, се реализира купување јаглен од Грција и Албанија (со несоодветен квалитет). Со тоа се оштетуваат постројките и забрзано се скусува нивниот животен век.

Случајно или намерно не се отвораат рудниците за да се увезува јаглен? Некој ќе рече дека тука се прави огромен профит со тендерите и дека тоа е извор на корупција. Јас не верувам, затоа што членовите на Владата се заколнаа дека ќе му служат на народот!

Состојбата со темелната опрема во РЕК „Битола“ се влошува континуирано. Случајно или намерно за да станеме зависни од увоз на електрична енергија? Некој може да помисли дека тоа е направено за да се збогатуваат увозниците на електрична енергија, на сметка на фирмите во македонското стопанство.

Случајно или не, јавните повици за услуги од РЕК „Битола“ се со значителни коруптивни елементи. И јавниот повик ЈН бр.:18416/2023 Реконструкција на Цевен систем за Прегревач за секундарна пара, КПП-1 (за блок 1) и КПП2 (за блок 3) плаче за интервенција на јавното обвинителство. Дали оваа директна објава ќе ги разбуди? Или треба да се поднесе кривична пријава? Што чекаат? Се осиромашува овој некогашен енергетски гигант, за да може лесно и евтино да се отуѓи за мали пари? Бонбона-бизнис, се сеќавате?

Случајно или намерно, одлуките на Владата за стратегискиве проекти се донесуваа на неколку часа пред избори? Така беше за Чебрен кога се донесе одлука за јавен повик и кога се донесе одлука за прифаќање на договорот.

Така е и сега со брзањето да се донесе Закон за државна помош (подарок – не е заем) од речиси 50 милиони евра државна помош, со скратена постапка. За време на функционирање на техничка влада. Немој да помислите дека тука има елементи на корупција. Гледате дека не се вознемирени ниту комисијата за борба против корупцијата, ниту јавно обвинителство. Не ги интересира зошто се токму така, асиметрично, подготвени условите во договорот и се секогаш во полза на грчкиот инвеститор. И за Чебрен и за когенеративната гасна постројка на господинот Митилинеос.

И уште еднаш Timeo danaos ed porta ferentes.

Aвторот е дипл. маш. инж во пензија, надворешен консултант во Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ) Скопје (од Институтот за термотехника и термоенергетика при Машинскиот факултет во Скопје)