Јованка КЕПЕСКА

Своите ставови за современиот македонски литературен јазик ќе ги искаже во едно интервју на следниот начин: „Сметам дека главни инструкции за развој на јазикот се граматиката, речникот (ние скоро го добивме), правописот и литературата. Во сето тоа, можеби, најважна институција е граматиката: таа го афирмира јазикот. Зошто ние и во средниот век имавме литература, но немавме литературен јазик. Писателите го богатат јазикот, го создаваат, а граматичарите го констатираат…имаме литература со која можеме да се гордееме. Имаме богат и привлечен јазик, каков што многу народи на светот посакуваат да имаат“.

И потоа дека: „На сегашниот степен на својот развиток, нашиот јазик дава вонредни можности за преведување и препев на капитални дела: од книжевноста и од филозофијата – сеедно. Се разбира јазикот е нешто што се наоѓа во постојан развој. Од степенот на познавањето подрачја на јазикот и од личната култура зависи какви можности ќе ни открие во процесот на творењето и на преведувањето“.

Затоа што, смета, дека: „Убавото во светот на книжевноста е сврзано за можностите на јазикот. Земете ги големите писатели од сите национални литератури ќе констатирате дека тие обликуваат, од јазикот на својот народ, дела со трајни вредности. Писателот е голем кога ги искористува изразните можности на јазикот до максимум…И наставникот и писателот, нам треба да ни го сугерираат најубавото во мајчиниот јазик“.

Загриженоста и будниот практичен ангажман за македонскиот литературен јазик кај професорот Кепески се гледаат во еден текст од 1981 година, кога ќе рече: „Јазикот е чист но може да биде и почист“. Неговиот став всушност говори за тоа, како што ќе рече: „Јазикот е организам што не трпи надворешни „тела“. Тоа може веднаш да се воочи, мелодичноста на реченицата во која се вметнуваат туѓи зборови се пореметува. Секој јазик треба да се збогатува и да се дополнува со нови форми и изрази, но притоа треба да се внимава на духот, на неговата структура. На тој план треба многу да се работи…Многу малку внимание ѝ посветуваме на нашата фразеологија“.

За збогатувањето на нашиот јазик професорот Кепески говори дека, бидејќи „секоја нација држи до своето, до чистината на јазикот. И ние тоа го правиме. Затоа треба до крај да се користи јазичното богатство. Ако сме ги зеле веќе централните говори за литературен јазик, не значи дека треба да се запостави постоењето на дијалектите, кои можат да го збогатат речничкиот фонд…Треба да се исцрпат можностите што ни ги дава народниот говор. Таму каде нема можност – ќе се обидеме со наш постоен збор да образуваме нов. Ако и тоа не е можно, би требало да се позајми од интернационалната терминологија. Нема причина да не прифатиме еден таков збор. Но, сепак, не треба да се прави преголема експлоатација на туѓите јазици“.

На прашањето на новинарот што треба да се преземе за поуспешно ширење и унапредување на јазичната култура, ќе одговори:

„Тоа прашање е посебно важно и сериозно. Нашите соответни институции и кадри треба да одржуваат постојан активен контакт со луѓето. Да се публикуваат поуки за јазикот со исцрпно обработени примери за тоа што е литературен , а што локален израз. Најефикасно е да се обработуваат јазични подрачја: за Штип на пример не е специфично тоа што се однесува за Куманово, или за Тетово. Така се всадува свест за тоа кои грешки се прават најчесто на одделни подрачја…Треба да се дејствува конкретно и постојано.“
И како продолжение на прашањето, дали македонскиот јазик е потребно да се изучува на сите факултети, одговара:„Да зависи од мене, јас би го вовел како задолжителен предмет на сите факултети. Нашата интелигенција сé уште нема усвоено правилен израз. Особено техничката…Љубовта да се знае литературниот јазик е и почитување на самиот себеси“.