Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија ќе ja поддржи Приштина во случај да се исцрпат дипломатските опции и да се употреби оружје додавајќи дека се моли да не дојде до таква ситуација.

„Ако дојде до тоа, Албанија, дефинитивно, ќе застане на страната на Косово. Нема сомнеж дека Албанија застана, стои и ќе застане на страната на Косово во секој случај, дури и ако, не дај боже, работите дојдат до таму повеќе да не се зборува, туку да се користи оружје“, изјави Рама за телевизијата АТВ.

Тој посочи дека Албанија е членка на НАТО, има посебен однос со Косово и секој напад врз Косово е напад врз Албанија.

„Косово не е само и има стратешки сојузници, без кои не би можело да постои како држава. Поради оваа причина, мора да размислуваме за важноста на косовските сојузници“, додаде Рама.

Тој рече дека лидерите во Приштина и Тирана треба да размислуваат за иднината за да станат пореспектабилни на меѓународен план. Според него, вонредната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата во Косово била чекор назад за Косово.

„Нема смисла Косово да се вика таму и да оди каде што некои го сметаат за држава, а други не. Тоа е глупост“, изјави Рама за албанскиот „ТВ-канал“.