Цените на нафтата на светските берзи паднаа под 82 долари

/ 11.03.2024

Цените на нафтата паднаа под 82 долари на меѓународните берзи, како одраз на загриженоста на инвеститорите за кинеската побарувачка и шпекулациите за забавување на американската економија.

На лондонската берза цената на барелот по пладне била за 58 центи пониска во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата недела и изнесувала 81,50 долари. На американскиот пазар барелот поевтинил за 93 центи и се лизна на 77,08 долари.

Трговците се фокусирале на знаците за олеснување на побарувачката во Кина на почетокот на неделата.

Кинескиот увоз на нафта пораснал во јануари и февруари во споредба со истиот период во 2023 година, но послаб од претходните месеци, покажале податоците објавени кон крајот на минатата недела, продолжувајќи го трендот на забавување на набавките кај најголемиот светски купувач.

Трговците се загрижени и за мешаните показатели од американската економија.

Вработувањата се забрзале во февруари, но стапката на невработеност малку пораснала, а растот на платите значително забавил, што исто така може да влијае на времето на намалување на каматните стапки.

Бројките водат до заклучок дека побарувачката за работна сила е намалена, што поддржува толкувања за забавување на економската активност и ги зголемува шансите за намалување на каматните стапки во јуни, потсетува Џовани Стауново од УБС.

Минатиот четврток, претседателот на ФЕД, Џером Пауел, рече дека наскоро би можеле да заклучат „со доволна доверба“ дека инфлацијата слабее со темпо што го оправдува намалувањето на каматните стапки. Министерството за трговија утре ќе го објави февруарскиот извештај за инфлацијата.

Загриженоста за кинеската побарувачка и податоците од САД ја засенија кризата во Црвеното Море.

Јеменското движење Ансар Алах напаѓа бродови поврзани со Израел, барајќи прекин на израелските воени операции во палестинскиот Појас Газа и испорака на хуманитарна помош за Палестинците. САД и Велика Британија одговорија со напади врз цели на движењето во Јемен, а на нив им се придружија и група европски земји.

Во текот на викендот, американските, француските и британските сили соборија десетици беспилотни летала во Црвеното Море, откако Хутите го нападнаа носачот на масовен превоз „Пропел Форчн“ и американските разурнувачи во регионот, соопшти американската војска.

„Се чини дека конфликтот на Блискиот Исток не е високо на листата на фактори кои, според инвеститорите, го движат пазарот, бидејќи снабдувањето преку Црвеното Море не е целосно прекинато и веројатно нема да биде прекинато ниту во иднина. “, заклучи Тамаш Варга од ПВМ.

„Фокусот е на забавувањето е на кинеската економија и на намалувањето на каматните стапки“, додаде Варга.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно извести дека во петокот барел од нафтената кошница на нејзините членки поскапела за 37 центи, на 83,08 долари.


Од истата категорија