Осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“ ќе бидат набавени за потребите на Армијата на Република Македонија. Вредноста на леталата ќе изнесува 230 милиони евра, а ќе се плаќа сукцесивно на четири рати. Првата ќе биде исплатена оваа година и е во износ од 16 проценти од вкупната вредност на набавката.
Како што информира на денешниот брифинг министерката за одбрана Славјанка Петревска, изборот е направен во согласност со долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година и плановите на Армијата за обновување на воздухопловната компонента.
Таа потенцира дека постапката за изборот на компанијата е започната по оглас објавен во 2019 година за што е формиран интегриран проектен тим составен од експерти во Министерството за одбрана и Армијата. Спроведена е фаза на истражување на пазарот за што биле реализирани бројни работни состаноци и посети на компаниите кандидати за набавка на новите хеликоптери во чии рамки биле извршени и демонстративни летови со потенцијалните нови хеликоптери.
По прибирање на сите податоци извршена била сеопфатна и објективна анализа на понудените платформи преку различни аналитички матрици. Критериумите според кои се вршени анализите, како што беше истакнато на брифингот, биле во однос на цената на набавката, техничкото одржување и техничката поддршка, достапност на резервни делови, животниот век на леталата и нивната модуларност и интероперабилност со НАТО-членките.
-Во фазата на истражување на пазарот и споредба на алтернативите интегрираниот проектен тим одлучи да препорача да се пристапи кон набавка на хеликоптери од компанијата „Леонардо хеликоптерс“, изјави Петровска.
Таа потенцира дека во пакетот на набавката влегува и обука на пилотски и технички персонал, како и достапност за симулатори за обука, а ќе биде обезбеден и хангар во кој ќе бидат сместени новите хеликоптерите.
На конкурсот за избор на компанија пристигнале четири понуди и тоа покрај „Леонардо хеликоптерс“ и понуди од германско-француски конзорциум, компанија од САД и од Канада.
Првиот хеликоптер ќе пристигне во втората половина на 2026 година, а целата испорака ќе биде извршена заклучно со 2028 година.
Договорот за набавка на хеликоптерите ќе биде склучен утре, а ќе го потпишат министерката Петровска и амбасадорот на Италија во името на владите на двете земји. До крајот на месецов ќе биде потпишан и договорот со компанијата „Леонардо хеликоптерс“.