Институтот за политички студии, во извештајот објавен за парламентарната 2023 година, наведува дека 8-те седници, одржани од октомври до декември, односно од почетокот на хаосот, што го предизвикуваше опозицијата, траеле само 97 минути.
Од друга страна, рекорд е забележан и во изгласувањето на закон или одлука без расправа, во просек за 2,4 минути.
-Статистичките податоци од собраниската активност потврдуваат дека во периодот од 30 октомври и 21 декември, во кој пленарните седници беа прекинувани поради бројните физички инциденти во парламентот, една одлука е донесена за само 2,4 минути, а дека 8 седници траеле само 97 минути. Статистички, пленарна седница има висок буџетски трошок (10-12 илјади евра) и нивното траење за 4 или 8 минути ја прави функцијата пратеник најплатена професија по минута во Албанија, се наведува во извештај.
Oсум седници со вкупно времетраење од 97 минути, чинеле минимум 80 илјади евра или 825 евра за минута.
Во Собранието има 140 пратеници, па, според Институтот, сметката е фрапантна и изнесува 5,9 евра за минута, со што „пратеничката функција станала најплатена во државата, барем во последните три месеци од 2023 година“.
Хаотичните собраниски седници се очекува наскоро да завршат по начелниот договор меѓу опозицијата и мнозинството за формирање две анкетни комисии, за испитување на концесиските договори во здравството и за незаконската интервенција во ТИМС системот, што беа барање на опозицијата, а за возврат опозицијата се согласиле да се повлечат од актите на граѓанска непослушност во
Собранието. Но, сè уште конечен договор нема, па седниците на две парламентарни комисии во понеделник повторно ќе се одржат онлајн.