САД и НАТО ја предупредија Русија откако отвори оган и заплени украински бродови и екипаж, и ја повикаа итно да ги ослободат нагласувајќи дека за руските акции нема оправдување.
– Она што го видовме вчера е многу опасно. Сите сојузници искажаа целосна поддршка за украинскиот територијален интегритет и суверенитет, рече Столтенберг на прес-конференција по итниот состанок на Алијансата одржан по барање на Украина.
Според него, не постои оправдување за примена на воена сила против украинските бродови и екипажот, поради што од Русија е побарано веднаш да ги ослободи.
И американската амбасадорка во Обединетите нации Ники Хејли денеска ја предупреди Русија дека заплената на три украински бродови е „срамно нарушување на суверенитетот на украинската територија“ и „арогантен чин“ кој меѓународната заедница мора да го осуди.
Таа ова го изјави на вонредна седница на Советот за безбедност на ОН, одржана поради инцидентот во Керченскиот Теснец.