Во пукотница рано утринава во бар во Дорал, на периферијата на Мајами, Флорида, загинаа две лица, а седум беа ранети, меѓу кои и еден полицаец, објавија британски и американски медиуми, повикувајќи се на локалните власти.
Според инспекторите, околу 03:30 часот по локално време во кафеана во трговскиот центар Сити Плејс Дорал дошло до расправија која прераснала во тепачка. Кога чуварот се обидел да интервенира, неименуван маж извадил пиштол, го застрелал и го убил чуварот, се вели во соопштението на полицијата.
Двајца полицајци од Дорал кои не биле на должност, кои исто така биле задолжени за безбедноста возвратиле со оган, при што во престрелката убиле еден од вооружените лица. Шест од застреланите биле случајни минувачи и посетители, а еден од полицајците бил застрелан во ногата, соопшти полицијата.