34 отсто од анкетираните граѓани ја сметаат Србија за најважен сојузник на Македонија, пред САД, за кои се определиле 17 отсто, трета е Турција со 12 отсто, а по нив Русија со 8 отсто и Албанија со 5 отсто, објавува Канал 5.
Ова го покажува последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), спроведена во февруари и март во шесте земји на Западен Балкан.
Наспротив ова, Бугарија е најголема закана одговориле 23 проценти од македонските граѓани. Веднаш зад неа е Русија со 12 отсто, на трето место Косово со 10 отсто, па следуваат Албанија со 9 отсто и САД со 8 отсто.
Во однос на европските интеграции, скоро половина од граѓаните сметаат дека ЕУ не е сериозна во намерата да понуди членство на земјите од Западен Балкан. И покрај ваквата перцепција, сепак, бројот на оние кои што би гласале позитивно за членство во ЕУ на рефендум пораснал за 2 проценти во 2024 споредбено со 2022 година. Па така, денеска ЗА би се изјасниле 68 проценти, а против би биле само 13 посто, исто како пред 2 години.
За три проценти пораснала и поддршка за членството во НАТО.. Од 49% на 52%, а вкупно 70% од граѓаните сметаат дека тоа е многу или донекаде позитивно.
Анкетата на ИРИ ги опфаќа и демографските карактеристики на земјите од Западен Балкан.. Во однос на етничката застапеност, бројот на Македонци е 61 процент, Албанците се со 26 посто, па следуваат другите заедници со 13 проценти.
Анкетата на ИРИ била спроведена теренски, со интервјуирање лице в лице на над 7.000 возрасни испитаници во шесте земји на Западен Балкан.