Антикорупционерите ги потсетуваат избраните функционери дека не може да се седи во две фотељи истовремено. Бараат Собранието, како одговорно над работата на владата и министерствата, итно да постапи откако техничкиот премиер и министерот за здравство одбија да ги предадат министерските функции, но си ги чуваат и пратеничките. Укажуваат дека со оваа постапка функционертите го изигруваат целиот правен систем, поделбата на власта на законодавна и извршна, а постојат и ризици од мешање и влијание во работата на институциите.
Од Комисијата потсетуваат дека, покрај Уставот, неспоивоста на функции е јасно и прецизно дефинирана и во Законот за пратеници, Законот за собранието и Изборниот Законик. Непочитувањето на овие закони повлекува последици од престанок на мандатот на избраните функционери. Воедно е и прекршок за кој, согласно член 105 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се изрекува прекршочна санкција.
Укажуваат и дека при извршувањето на јавните овластувања и должности, функционерите не смеат да се раководат од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице. Но, новиот претседател на Собранието се повикува на досегашната пракса и не прецизираше што конкретно ќе преземе и од каде ќе земаат плата.
Гаши тврди дека Уставот треба да се допрецизира во овој дел, но уставните експерти се децидни дека овие одредби се апсолутно прецизни. Професорот по уставно право, Денис Прешова преку статус на Фејсбук, го повика Собранието да реагира и да го опомени Талат Џафери дека не може сам да си бира функции, да продава самоволие и силеџиство како правно толкување и истовремено да биде и премиер и пратеник. Ако Џафери одбие, Собранието, треба да констатира престанок на неговиот пратенички мандат.