Златко Ристовски активист на СДСМ од Битола е првиот кандидат што поднесе кандидатура за претседател на СДСМ, потврдуваат од Бихаќка за ТВ 24. Извори од СДСМ велат дека Ристевски е релативно анонимен во СДСМ, а колку неговата кандидатура е уредна ќе се знае откако ќе заврши рокот за кандидирање.
Утре на Бихаќка ќе биде гужва. Како што веќе објави ТВ 24 кандидатурата ќе ја поднесе пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска. Дека утре неговата кандидатура ќе стигне на Бихаќка, во СДСМ им најавил и пратеникот и екс министер за здравство Венко Филипче.
Дека утре планира да ги поднесе документите за ТВ 24 потвдува и директорот на ТИРЗ во заминување Јован Деспотовски. Во документите на Деспотовски ќе се најде и потпишана изјава дека доколку ги изгуби изборите нема да се „пазари“ за функции во раководството.
Дека ќе се кандидира за нов лидер на опозицијата најави и адвокатотот од Куманово Виктор Божиновски. Директорот на царина Стефан Богоев и заменик министерот за администрација во заминување Александар Бајдевски се уште се мислат дали да влезат во трката за претседател. Отакако ќе заврши рокот во четврток, комисијата ќе треба да ги утврди кандидатите и да им ги провери документите : лично, партиско CV и програма. Изборите за нов претседател на СДСМ ќе бидат на 30 јуни.
Дотогаш социјалдемократите ги чека и отчетниот Конгрес во недела, на кој Димитар Ковачевски ќе треба да даде отчет за историски најголемиот пораз на СДСМ.