Арбен Таравари, кој е дел од коалицијата Влен, која преговара со ВМРО-ДПМНЕ за составување на нова влада денеска изјави дека е сигурен оти оваа влада ќе ги почне преговорите со Европската Унија, а на прашањето дали ќе биде старо нов министер за здравство, одговори „најверојатно да“.
-Никогаш не би бил дел од владата, доколку не гледам реформи, промени и напредок на државата, во тоа да сте сигурни. Јас се радувам дека во Македонија се случува комплетна промена на власта по 22 години. Во 2002 година дојдоа ДУИ и СДСМ на власт и отидоа во опозиција ДПА и ВМРО. Сега по 22 години повторно двете партии од власта одат во опозиција, што навистина остава простор за вистински реформи и напредок на државата. Јас сум сигурен дека оваа влада ќе ги започне преговорите, одговори Таравари на новинарско прашање дали безусловно влегле во владата, по настанот по повод Денот на Европа во организација на Европското движење во Северна Македонија во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер.
Тој истакна дека главните точки на владината програма се координирани и смета дека за три до четири дена ќе има конечен договор, но како што рече, тоа треба да го објави идниот премиер.
Смета и дека кога земјата ќе ги почне преговорите треба да се отвори дебата и за промена на Уставот.
-На Македонија ѝ треба нов Устав, рече Таравари.