Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека може да се очекува најмногу за два месеци да се нормализира процесот на издавањето на патни исправи односно чекањето на граѓаните да се сведе во рамки на законскиот рок од 15 дена.
Во интервју за Топ Тема на ТВ Телма, Тошковски рече дека најмногу 80 дена се чекало од фотографирање до издвање на патна исправа, но сега рокот е значително намален.
Од аспект на чекањето, да, се чека се уште, но отприлика за месец и половина до два, нашите очекувања се дека со континуирано производство на бројките како што беше последните четири месеци, пак, по 80.000 месечно, затоа што бројката на фотографирање е намалена отприлика на половина во споредба со она што беше претходно, ние за два месеци од сега ќе се вратиме во нормала. Ако граѓанинот се фотографира, да речеме на први, за петнаесетина дена, во рамки на законски дозволениот рок, во редовна постапка ќе се стекне со патна исправа, рече министерот за внатрешни работи.
Според него, во изминатите пет месеци се издадени околу 400.000 патни исправи, и тоа се бројки, според неговите зборови, кои претходно се работеле и по две години.
Факт е дека она што го сработевме за овие четири месеци се бројки што претходно ги работеле две години или повеќе. Ние за четири месеци успеавме да фотографираме и да издадеме некаде над 400.000 патни исправи. Мислам дека она што можеше да се направи се направи и граѓаните го видоа тоа, но факт е дека проблемот се уште го има, и факт е дека исто така бројките се намалуваат, рече Тошковски.
Посочи и дека издавањето на патни исправи по итна постапка исто така е вратено во нормалниот рок од 48 часа.
Министерот рече дека во иднина ќе се бара софтверско решение кое ќе ги поедностави процедурите, и граѓаните ќе можат со едно фотографирање и една апликација да извадат повеќе документи, наместо како што е сега – посебно фотографирање за секој личен документ, патна исправа или возачка дозвола
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека системот „Безбеден град“ многу набрзо ќе биде ставен во функција, и тоа првично во Скопје, Тетово и Куманово.
Сите сакаме ред, кој не сака ред? Сите сакаме да има ред, сите сакаме да спиеме навечер без да има гласна музика, сите сакаме да имаме мир без да „летаат“ со 180 по „Партизанска“ и по другите булевари во Скопје. Над 95 проценти од луѓето, па и повеќе, сакаат да има ред и поредок. Е сега, за да имаме ред и поредок, еден од условите кои што, според мене, треба да ги сториме во иднина е целосна имплементација на „Безбеден град“, првично во Скопје, Тетово, Куманово. Тоа значи дека секој еден кој што поминал на црвено треба да биде казнет, тоа значи дека секој еден кој што погрешно паркирал треба да биде казнет, тоа значи дека секој еден кој што возел со поголема брзина од дозволената треба да биде казнет. Тоа е во интерес на сите граѓани, рече тошковски.
Пред да биде имплементиран, посочи министерот, потребно е да се направат одредени законски измени и да се дефинираат деталите околу тоа како ќе функционира.
Претходно имале малку поинаква визија од таа јас што ја имам, од аспект на имплементација, но генерално тоа е тоа. Ќе се казнува сопственикот на возилото. Да, тука има дали требало така, дали можело така, во многу голем број европски држави е така, и треба да се внимава кога ќе се даде на управување возилото од страна на сопственикот. Има сега тука ако е на правно лице, има работи кои што ќе треба да се потсредат. Ќе треба да се среди доставата како ќе оди, да не испадне сега дека се изгубиле предметите при доставата, итн. Тоа се делови кои што мораат да се имплементираат, рече Тошковски.
Сепак, смета дека по неговото ставање во функција ќе треба да има одреден период на предупредување, едукација и превенција.
Тоа значи дека најмалку месец дена откако ќе биде имплементиран и функционален, ќе треба силна кампања за да не испадне дека државата има за цел да ги казни финансиски граѓаните. Не, државата треба да има за цел да создаде ред и поредок. И, нормално, нормални сообраќајници во Скопје, да не гинат цело време луѓе по скопските улици и сите останати улици во Македонија, порача Тошковски.