Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето за дванаесеттемина обвинети во предметот за смртта на малата Тамара Димовска од Велес.
На минатото рочиште откако беше прочитано обвинението, обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
За овој предмет, според соопштението од ОЈО Скопје, обвинети се членовите на Првостепената и на Второстепената комисија, кои го донеле односно го потврдиле негативното решение за лекување на Тамара во странство, како и двата тогашни директори на Фондот за здравствено осигурување и претседателот на Управниот одбор на ФЗОМ.
Малата Тамара Димовска во 2015 година почина чекајќи операција на рбетот во странство.
Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, се наведува во обвинителниот акт, го донела првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска.
Комисијата, спротивно на Стручниот конзилиум на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, а по истекот на законски предвидениот рок донела мислење дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Македонија.