САД ќе работат со С. Македонија и Грција да ги одржат придобивките од Договорот од Преспа, соопштиле од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик во врска со реакциите на официјална Атина за употребата на уставното име на државата од страна новите власти во Скопје.
– Договорот од Преспа беше историско достигнување во отклучувањето на безбедносните придобивки во јужна и источна Европа. САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од почитување на истиот и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки, велат од Стејт департментот.
Премиерот Христијан Мицкоски кој престојува во Вашингтон на Самитот на НАТО, кога стана премиер, кажа дека дома ќе ја вика државата Македонија, а надвор, во официјален контекст – Северна Македонија.
Мицкоски, како што пренесува Гласот на Америка, изминативе три дена во Вашингтон, во јавните изјави и објави на социјалната мрежа Икс, ја нарекуваше државата Македонија, а јавно официјалното име на државата го кажа наколку пати на дебата во Школата на меѓународни односи на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.
Во Вашингтон е и претседателот на грчката Влада Киријакос Мицотакис, но премиерите на двете земји, иако учествуваа на исти настани на НАТО Самитот, сепак не остварија билатерална средба, нешто што секако не ни беше претходно најавено. Портпаролот на грчката Влада на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, одговарјаќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина зошто Мицкоски и Мицотакис не се сретнаа, кусо одговори дека она што знае е дека не се одржа средба и дека не знае нешто повеќе.
Мицотакис, на прес-конференција за грчки медиуми на Самитот на НАТО во Вашингтон, кажал дека премиерот Мицкоски на официјалните состаноци на сите лидери на НАТО го користел уставното име на државата. Мицотакис, сепак, ги информирал колегите во НАТО оти не се спроведува клучниот член од Договорот од Преспа, а тоа е името Северна Македонија да се употребува ерга омнес, што значи внатре и надвор од државата.
Тој кажал и дека „Грција во овој момент нема да ги открие оружјата што ѝ се на располагање за да одговори на евентуалното инсистирање на раководството на соседната земја на оваа тактика“.
Фото: МИА архива