Парламентот на Израел денеска гласаше за мерка со која се бара отфрлање на палестинската државност.

„Воспоставувањето палестинска држава во срцето на израелската земја ќе претставува егзистенцијална закана за државата Израел и нејзините граѓани, ќе го продолжи израелско-палестинскиот конфликт и ќе го дестабилизира регионот“, се вели во резолуцијата.

Од вкупно 120 пратеници на Кнесетот, за него гласаа 68 пратеници, а против беа девет пратеници од арапските партии. Другите беа воздржани или не ни дојдоа на седницата.

„Прашање на време е додека Хамас не ја преземе палестинската држава и не ја претвори во база на радикалниот исламски терор што ќе работи на уништување на државата Израел во соработка со оската предводена од Иран“, се додава во резолуцијата.

Невладината организација „Мир сега“, поборник за решение со две држави, го нарече гласањето „популистичко, катастрофално и штетно за изгледите за регионален договор за ставање крај на војната“.

„Палестинска држава е во интерес на Израел. Решението со две држави е единствената гаранција за израелската безбедност и демократија и би била вистинска победа над Хамас и Иран“, велат од организацијата, а пренесува израелскиот медиум „Хаарец“.

За мерката гласаа десничарските конзервативни коалициски партии предводени од премиерот Бенјамин Нетанјаху, како и опозициската партија на Бени Ганц, која, според анкетите, стана најпопуларна во Израел и ќе биде победник на следните парламентарни избори.

Израелските медиуми јавуваат дека опозициската партија на Јаир Лапид не гласала. Лапид се смета за поддржувач на решението за две држави, кое предвидува формирање независна и демократска палестинска држава покрај Израел. За ова решение се залагаат САД, Европската Унија и повеќето членки на Обединетите нации.