Унгарскиот премиер Виктор Орбан даде зелено светло за создавање на огромен провладин медиумски конгломерат во земјата.
Сопствениците на околу 500 унгарски национални и локални медиуми, сите отворено провладини, минатата недела во координирана акција ги подарија своите компании на поранешен пратеник од владејачката партија ФИДЕС, Габор Лискај.
Подарените медиуми ќе бидат под контрола на фирмата „Централноевропска фондација за печат и медиуми“, со која раководи Лискај.
Подарокот или донацијата не подразбира парични трансакции, па така нема да биде платен ниту данок.
„Централноевропска фондација за печат и медиуми“ наведе дека има за цел „да се грижи за зачувување на националните вредности“.
Орбан при вчерашното потпишување на указот, со кој се дозволува формирање на конгломератот, истакна дека тоа е од „национално стратешко значење за општетсвениот интерес“.
По доаѓањето на Орбан на власт во Унгарија во 2010 година, државните медиуми застанаа во одбрана на власта, а голем дел од приватните медиуми беа преземени од луѓе блиски до владејачките структури.
Според Репортери без граници, Унгарија во 2010 година беше на 23 место по медиумските слободи, додека годинава е на 73 место.
Меѓународните набљудувачи на медиумските слободи наведуваат дека во 2015 година Владата на Орбан беше поддржувана од 31 медиум, додека сега имаат поддршка од 500.