Данела Арсовска имаше разочарувачко лошо интервју, во кое се натпреваруваше со дното. Сите други и се виновни, само таа не е. А истата е градоначалник и единствено одговорна за хаосот во Скопје, се вели во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Данела Арсовска од градоначалник на најголемата локална самоуправа во државата, неуспешно бараше кој град е полош од неа, еве да и ги скратиме маките на Арсовска, полош град и градоначалник од неа нема. Данела Арсовска стана единица мерка за неспособност и криминал. Единствена работа која истата треба да ја работи е да го чисти ѓубрето од улиците и да има ефикасен јавен превоз, и овие две работи истата не може и е неспособна да ги прави. Арсовска треба што побрзо да си даде оставка и да ги спаси скопјани од маките во кои самата ги втурна, истакнаа од владејачката партија.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска вечерва во гостување за Сител изјави дека во Владата на средбата предложила краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.
„Многу ми е жал што нему му се чинело дека нема план“, рече таа за премиерот Христијан Мицкоски.
Вели дека понудила да се набават нови автобуси и се пофали дека градот е финансиски консолидиран. Taa рече дека требало на гостување да се соочи со министерот за локална самоуправа Златко Перински.
„Не сум јас таа што во советот прави коалиција“, рече Арсовска.
Вели дека не знае дали досега имало вакви советници, кои не гласаат одлуки во интерес на граѓаните. Арсовска рече дека не се повлекува затоа што ништо не погрешила.