Во Штип и Тетово утре ќе се одржат последните две од вкупно петте јавни дебати што ги организира Владата за четирите нацрт-амандмани за промена на уставното име на Република Македонија.
На трите одржани во Скопје беа изнесени експертски предлози за подобрување на нацрт-амандманите, како и за надминување на уставната празнина во врска со потпишувањето на законите од страна на претседателот на државата.
Премиерот Зоран Заев и владините претставници на дебатите ги презентираа нацрт – амандманите и укажаа на потребата за донесување на уставните измени во контекст на влегувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ, на инклузивноста на процесот и отвореноста за нови предлози. Заев постети дека во нацрт – амандманите се вградени предлози на осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и посочи на одлуката уставните измени да стапат во сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО што треба да се случи во ист ден или заедно паралелно.
Одговарајќи на прашања во врска со менувањето на личните документи по успешното имплементирање на Договорот со Грција, тој рече дека замената ќе се врши постепено, кога ќе им престане важноста на документите. Укажа и дека не треба да постојат грижи за идентитетот бидејќи “во договорот со Грција има признание на македонскиот јазик, на нашето самоопределување”.
– Нема да бидеме северномакедонци, а нема да го носиме ни срамот на ФИРОМ-ци, треба да размислиме и што ќе им оставиме на нашите деца, рече Заев.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров на дебатата во МАНУ го отвори прашањето за непотпишување на Договорот од Преспа, согласно кој се прават уставните измени, од страна на претседателот Ѓорге Иванов, со што тој не е стапен во сила и се уште не е воведен во правниот систем, и како во иднина да се исклучат вакви ситуации. Според него, можеби треба да се смета дека потписот е даден кога втор пат ќе биде изгласан законот.
Академиците, пак, со различни размислувања како правно да се реши оваа уставна празнина. Академикот Владо Камбовски предложи во Уставниот закон да се стави посебна одредба дека овој Договор стапува во сила со потпис на претседателот на Собранието, додавајќи дека, сепак, треба добро да се размисли како да се најде решение за оваа уставна празнина.
Светомир Шкариќ предложи уште најмалку два амандмана на Уставот, што би се однесувале на прогласување на Договорот од Преспа, односно негово стапување во сила, и ставот за државјанството да стане нов амандман.
– Предлагам Договорот да се смести во посебен амандман. Предлагам 37 амандман да гласи: Договорот вака како што е формулиран со сите негови елементи да биде составен дел на уставниот поредок на Република Македонија, рече Шкариќ додавајќи дека идејата е тој да биде дел од уставниот или правниот систем.
На ова се спротистави академик Владо Поповски кој смета дека станува збор за еден многу крупен проблем што прво треба да добие легитимитет, потсетувајќи дека тоа би можело да отвори долга дебата, која, вели, не би завршила ниту за две години, а временските рамки за усвојување на уставните измени се веќе познати и содржани во самиот Договор.
На дебатите учествуваат претставници на научната и стручна јавност, пратеници, граѓани, но не и претставници и пратеници од опозицијата.
По утрешните дебати Владата треба да достави Извештај до Собранието, а претседателот на Собранието Талат Џафери треба да закаже седница не порано од триесет дена. Во оваа фаза на уставните измени амандмани на нацрт-амандманите можат да поднесуваат и пратениците. Уставните амандмани ќе се сметаат за донесени доколку за нив гласаат 80 пратеници.