Извозот на стока во првите 9 месеци годинава во однос на истиот период лани е намален за дури 6,1 проценти, додека вредноста на увозот е намалена за 0,6 проценти. Падот на извозот и на увозот се лоши економски показатели за нашиот економски развој. Реализираниот извоз годинава заклучно со септември е 5,86 милијарди евра, а увозот е 8,2 милијарди, што значи дека покриеноста на увозот со извозот е 71,5 проценти.

Во овој периодот, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.

Она што особено загрижува е што падот на извозот во Германија ни е дури 13,3 проценти во првите 9 месеци од годинава во однос на истиот период од 2023 година. Увозот, пак, е стабилен и има плус од 0,9 проценти. Годинава, заклучно со септември во Германија сме извезувале 41 отсто од нашиот вкупен извоз, затоа тамошните случувања се исклучително важни. Податоците што ги споделуваат медиумите се дека германската економија е во блага рецесија.

Премиерот Христијан Мицкоски на неодамнешната конференцијата на „Блумберг Адрија“ за економскиот потенцијал и развојните можности за Македонија изјави: „Потребно е време за да се појави нова опција за да економијата на земјата целосно не зависи од случувањата во Германија“. Сепак, пред една недела стигна и една добра вест. Првите процени од Сојузниот завод за статистика покажуваат дека бруто-домашниот производ (БДП) меѓу јули и септември во Германија најверојатно се зголемил за 0,2 отсто. Аналитичарите очекуваа дека економијата ќе забележи пад од 0,1 отсто, извести Дојче Веле.

Но, за германските инвестиции во Македонија важна е и деловната клима во нашата земја, а особено работната рака.