Македонската ракометна репрезентација денес од 17 часот гостува во Вилнус кај Литванија во натпревар од второто квалификациско коло за Европското првенство во 2026 година.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров по стартната победа со Естонија во средата во Скопје, со евентуален триумф ќе се најдат на чекор до пласман на уште едно големо натпреварување.

Литванците квалификациите ги започнаа со убедлив пораз од Словенија, но сепак нашите репрезентативци се претпазливи пред натпреварот во Вилнус.

– Литванија одигра одлично прво полувреме со Словенија и покажа дека е квалитетна репрезентација. Во никој случај нема да ни биде лесно. Ќе мора да играме максимално борбено цел натпревар за да дојдеме до победата која би значела огромен чекор кон пласман на ЕП, изјави македонскиот репрезентативец Иван Џонов.

Во другиот натпревар од 2. коло во Група-1 се среќаваат Естонија и Словенија исто така од 17 часот.