Прекинот на двата подводни оптички кабли во Балтичко Море не може да биде случајност, со оглед на хибридните закани кои доаѓаат од Русија, изјави денеска шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок.

– Ние сега во Германија … со кибернапади, со набљудување на критичната инфраструктура, пакети кои ненадејно експлодираат при транспорт со авиони, а вчера … телекомуникациски кабел што ја поврзува Финска со Германија. Сите овие работи не можат да бидат обични случајности, истакна Бербок, додавајќи оти Европа ќе го зачува своето единство пред хибридните закани.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус наведе дека на оштетувањето на два телекомуникациски кабли во Балтичкото Море треба да се гледа како чин на саботажа, иако не е јасно кој е одговорен.

– Никој не верува дека овие кабли се исечени по грешка. Исто така, не верувам во верзиите дека сидрата случајно ги оштетиле каблите, посочи Писториус пред состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Европска Унија во Брисел.

Тој додаде дека оштетувањата на каблите се „хибриден чин“.

Претходно, шведското Министерство за цивилна заштита соопшти дека е оштетен подводен телекомуникациски кабел во Балтичко Море што ги поврзува Шведска со Литванија.

Додека портпаролот на сопственикот и операторот на телекомуникацискиот кабел, „Арелион“ (Arelion) изјави дека врската меѓу Литванија и Шведска е „целосно прекината“, но оти сè уште не е познато што го предизвикало прекинот. Компанијата што управува со кабелот што ја поврзува Финска со Германија, исто така, соопшти дека не е познато што довело до оштетување на кабелот.