Со години наназад, покрај финансиската нестабилност, она што ги одвраќа македонските млади да останат во земјава е и неможноста трајно да си го решат станбеното прашање, најмногу заради неконтрлираното дивеење на цените на станбениот квадрат.

Одлуката на Владата, овој сериозен проблем да се обиде, ако не целосно да го реши, тогаш барем да го ублажи со новиот проект „Купи куќа за млади“, е за поздравување, сметаат граѓаните.

„Нека си се вселуваат младите, нека им биде убаво… Ќе си останат младите тука“, – вели анкетирана граѓанка.

„Мислам дека тоа ќе биде одлично и така ќе ги задржиме младиве, или барем дел од младите и ќе им се реши проблемот. Има доста што не им е решен тој проблем“, – анкетиран граѓанин.

„Не е лоша како идеја, само да се реализра целосно. И порано, нели имаше такво нешто. Во ред е, мислам – убаво е, зашто скапо е, станбениот простор е доста скап, вака подолгорочно ќе можат да си испланираат нешто“, – анкетиран граѓанин.

„Секако дека ќе придонесе, точно е дека ќе придонесе. Корисно е тоа, многу корисно… Благодариме ако го сторат тоа“, – анкетирани граѓани.

Инаку, овој нов владин проект неодамна го најави вице-премиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, кој рече дека подготовките веќе биле при крај и од после Нова година ќе се излезело со конкретни предлози во кои општини тоа ќе може да се реализира и на кој начин ќе можат младите брачни двојки да добијат поддршка и помош за сопствен дом, вклучително и на иновативните решенија за паметни домови на Сојузот на Стопански комори.

-Сакам да најавам дека од следната година, тоа е во суштина за нешто помалку од два месеци од сега, ќе почнеме да го развиваме Проектот „Купи куќа за млади“ кој што треба да им овозможи на многу млади брачни двојки да се стекнат со свој дом по исклучително поволни услови, и за тоа веќе ги спремаме плановите, изјави Николоски.

Освен ова, министерот Николоски, исто така, најави и намалување на цените на станбениот квадрат за 30-40 проценти во неколку поголеми општини во земјава, но и темелни реформи на актуелните закони за градба и урбанистичко планирање, бидејќи веќе биле застарени и не го следат чекорот на времето.