Македонското Собрание има двотретинско мнозинство за уставни измени и веднаш штом ќе има политички договор, подготвено е да ја почне процедурата, рече собранискиот спикер, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите, откако новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, порача дека очекува земјава да го промени Уставот и дека тоа е нешто на што смета Европската Унија. Гаши потенцираше дека политичарите во земјава мора да бидат внимателни да не се остави простор за нови блокади од Софија, затоа што ако се случи вето после уставните измени, тоа ќе го поттикне евроскептицизмот во државата.

– Јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство. Веднаш штом ќе има политички договор, Собранието е спремно да ја почне процедурата. Мислам дека имаме две третини, лесно ќе го реализираме тоа, но зависи од политичкиот момент. Уставните измени се клучно прашање за нас. Немаме најави за датум кога ќе почне постапката за промена на Уставот. Јас лично и повеќето граѓани очекуваат што поскоро. Јас би сакал денеска, но мора да бидеме внимателни да не се случи, штом ги донесеме, за три месеци пак да ни се случи вето. Сепак, се работи за устав, ние и така сме рекордери по отворање на Уставот, сме го отвориле два месеца откако сме го донеле. ЕУ-интеграцијата е врвен приоритет и сите наши заложби се во таа насока – рече спикерот Гаши на брифингот со новинарите.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, го потврди ставот на Владата околу уставните измени.

– Како Влада, ценам дека имавме одговор на оваа состојба и на овие прашања. Ставот на Владата е јасен и остануваме на него – рече Митева, прашана за коментар на барањата на евромесарката за проширување, Кос, за спроведување на уставните измени за одблокирање на пристапните преговори.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата има дефинирани црвени линии во процесот на уставните измени и дека нема да отстапи од нив.

– Ние ги дефиниравме нашите црвени линии и од тоа ниту ние ниту кој било ќе се помести, ни милиметар. Не затоа што имаме какви било причини за да правиме напред или назад, туку, едноставно, доволно граѓаните на Македонија и македонскиот народ отстапија. Нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ. Ние кажавме што можеме да направиме и тоа е максимумот што можеме да го направиме. И тоа им е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе што одлучуваат генерално или имаат некаква улога во светската политика – потенцираше Мицкоски во средата.