Уставниот суд на Романија ги поништи резултатите од првиот круг на претседателските избори само два дена пред одржувањето на вториот круг. Тоа значи дека целиот процес ќе почне одново, а владата допрва ќе ги определи датумите за двата изборни круга.

Во првиот круг изненадувачки победи Калин Георгеску, малку познат краен десничар и поддржувач на Владимир Путин, кој речиси целата своја кампања ја водеше на ТикТок. Тој в недела требаше да се соочи со либералната политичарка Елена Ласкони.

Одлуката на уставниот суд доаѓа откако беа откриени доверливи разузнавачки документи кои сугерираат дека Георгеску профитирал од масовно странско влијание врз изборите.

„Одлуката за поништување беше единственото правилно решение по објавувањето на документите кои покажуваат дека резултатот на гласањето на Романците бил грубо искривен со интервенција на Русија“, изјави премиерот Марцел Чолаку, кој заврши на третото место во првиот круг.

Неколку дена по изборите, судот нареди повторно пребројување на гласовите и во прв момент ги потврди резултатите. Според нив, Георгеску освои 23% гласови, иако предизборните анкети му даваа само 6%.