Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен утре нема да учествува на церемонијата на отворање на катедралата Нотр Дам во Париз, соопшти нејзиниот кабинет поради тензиите со Франција поради трговскиот договор со Јужна Америка.
ЕК објави дека посетата „не е официјално потврдена и дека претседателката не патува за Париз“, иако вчера беше најавено дека Фон дер Лајен ќе оди на церемонијата во Париз.
Портпаролите сега тврдат дека станува збор за „грешка во внатрешната комуникација“.
ЕК не одговара на новинарските прашања дали причината за неодењето е потпишувањето на договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и трговскиот блок Меркосур, на што Франција остро се противи.
Во Франција се шпекулира дека Фон дер Лајен ја искористила политичката криза во Франција за да го склучи договорот.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја предупреди фон дер Лајен дека договорот „во оваа форма“ не е прифатлив за неговата земја.
Околу 50 шефови на држави или влади од целиот свет ќе се соберат на церемонијата на отворање на обновената црква Нотр Дам по катастрофалниот пожар пред пет години. Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, е меѓу првите што одговори на поканата.