Главниот уредник на ТВ 24 вести, Младен Чадиковски, е новиот претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Тој е избран на денешното редовно изборно собрание на кое од вкупно 555 членови присуствуваа 175, а за него гласаа 86. Неговиот противкандидат во трката за прв човек на ЗНМ Стојанче Наумов од радиото Канал 77, доби 77 гласови. Досега функцијата претседател на ЗНМ во два мандата ја вршеше Насер Селмани.
На денешното Изборно собрание на ЗНМ беа избрани и новите членови на Управниот одбор, Надзорниот одбор и на Судот на честа.
Претставувајќи ја програмата Чадиковски, кој е главен уредник на ТВ 24 Вести, рече дека слободата на говорот и професионалното новинарство се двата столба „за кои нема да правиме компромис со никој и ништо“.
Наумов, пак, во почетокот на своето обраќање ја испофали работата на досегашниот претседател Насер Селмани, но и со забелешка за неговото, како што рече агитирање низ градовите во земјата пред изборното собрание, за еден од кандидатите.
Во 2017 година, беше речено, над 270 новинари останаа без работа, оваа година таа бројка ќе се зголеми за уште 150. Просечната плата во државата не е просечна за новинарите, далеку се зад просекот, во поголемиот дел медиумите новинарите ги ангажираат хонорарно.