Граѓаните кратат на храна, облека, здравје, домување и многу други основни потреби за да можат да купат цигари. Речиси половина од населението се активни пушачи, а тутунот има штетни здравствени последици и е значителен финансиски товар кој го влошува животниот стандард на многу семејства, а особено на оние со ниски примања. Ова е оценката на невладината организација „Аналитика“ по спроведеното истражување за тоа колку пари од семејниот буџет се трошат за цигари.
„Проблематични се семејствата кои спаѓаат во ранлива категорија, односно имаат ниски приходи. Кај кои ако се на работ на сиромаштијата ќе ги доведе во секундарна сиромаштија. Трошењето пари на цигари го намалува трошењето на основните потреби како храна, образование и здравство“, вели Тамара Мијовиќ Спасова од невладината организација „Аналитика“.
Пред неколку недели, Институтот за јавно здравје отвори телефонска линија за советување за откажување од пушењето. Линијата е активна секој понеделник и среда од 11 до 13 часот на која граѓаните имаат можност анонимно да добијат помош. Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска смета дека за кратко време се бележи успех од активираната линија, вели дека се јавуваат граѓани од различна возраст кои бараат помош.
„Навистина се јавуваат луѓе од секоја возраст. Јавувањето е анонимно. Не завршува се со еден повик, постојат протоколи кои се следат. Јас ги охрабрувам луѓето да се јават бидејќи веќе имаме резултати како откажани пушачи“, изјави Марија Андоновска, директорка на Институт за јавно здравје.
Потребни се кампањи и едукации и за здравствените работници со цел и тие да можат да помогнат во поддршката на пушачите кои сакаат да се откажат.
„Интензивно работиме периодов на подготвување на национален протокол за одвикнување од пушење за примарна здравствена заштита. Многу подостапни ќе бидат советите кои ќе ги даваат здравствените професионалци. Научни докази постојат дека и еден краток совет што ќе се даде на граѓанинот кој е активен пушач ќе има ефект“, вели Катерина Ставриќ, Центар за семејна медицина.
Македонија е држава со 46 отсто пушачи од населението, што е најмногу во Европа. Многу заболувања можат да се јават како последица од редовна употреба на тутун.