Почесниот конзул на Косово во Македонија и сопственик на маркетот „Нептун“, Арсим Папранику во моментов се наоѓа во полициската станица Карпош, каде дава исказ во врска со случајот за махинации во Државната лотарија, за кој се бара поранешниот прв вицперемиер Артан Груби, дознава НетПрес.

Инаку, Арсим Папранику беше идентификуван во медимите како бизнисменот кој со своето возило со дипломатските таблички го превезол Артан Груби до Косово непосредно пред почетокот на полициската акција.

Груби, кон Косово патувал под дипломатски превез со познатиот и успешен бизнисмен во регионот од Македонија, Арсим Папранику кој пак, во 2018-та е именуван за почесен конзул на Косово во Република Македонија.

Според претходно денеска објавената потерница на Министерството за внатрешни работи, поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, кој од порано е излезен од Македонија,  се сомничи за „злоупотреба на службената положба и овластување“  за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“

Поранешниот прв вицепремиер на владата на СДСМ и ДУИ, Артан Груби, пак, е осомничен за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“.

Заедно со Груби и Бајрами, осомничен за „злоупотреба на службената положба и овластување“  осомничен е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски (50), како и уште пет лица.