Сите оние кои се жалат дека имаат кратко вдишување и не можат да се надишат, треба да одат на лекар. Ова нарушување на латински се нарекува диспнеа и во буквален превод значи „глад за воздух”. Диспнеата може да се должи на предменструален синдром, менопауза, стрес, нервоза, пушење, како и промени во климатските услови, но причината може да биде многу посериозна.

-За „тесни бели дробови” или „чувството дека не може да се вдиши до крај”, како што пациентите често ја опишуваат диспнеата, можат да бидат одговорни астмата, хроничниот бронхитис, претворувањето на ткивото на белите дробови во лузни, пневмонија, вода во бели дробови”, вели Татјана Радосављевиќ, пулмолог од Србија.

– Исто така, причина можат да бидат и срцевите проблеми, како што се нарушувања на срцевиот ритам, срцева слабост, воспаление на срцевиот мускул и перикардот и анемија, и заболување на тироидната жлезда.

За да се утврди точната причина неопходна е дијагностика.

– Не треба да се поаѓа од претпоставите дека недостатокот на воздух е предизвикан од нервоза или стрес, туку треба да се исклучат сите други причини, вели д-р Радосављевиќ.

– Важно е на време да се направат основни лабораториски анализи, ЕКГ и снимање на белите дробови. Во зависност од наодот, пациентот понатаму се упатува кај соодветен специјалист.

Д-р Радосављевиќ вели дека здравите животни навики, прекинувањето на пушењето и програмите против стрес, како што се јогата и медитацијата, кај луѓето чија диспнеа не е резултат на сериозни органски болести, може значително да ја подобрат состојбата.

Вежбите за дишење се важни за пациенти кај кои ова нарушување е предизвикано од болест на белите дробови. Кај пациенти кај кои причината за отежнато дишење се нервозата или хормонален статус, исто така помагаат вежби за релаксација, чаеви или благи седативи пропишани од лекар.