Преживеаните од Аушвиц, 80 години подоцна со свеќи и положување венци им оддават почит на убиените во логорот на смртта.
Тереза Регула е една од нив. Имала 16 години кога била испратена во Аушвиц. Следејќи ги војните и хаосот во светот луѓето и по 80 години од холокаустот не извлекоа никакви заклучоци, раскажува таа
“Ужасни работи се случуваат во светот. Не знам дали се подобри или полоши од она што се случи во Аушвиц, но се ужасни. Не знам… Ми се чини дека луѓето не извлекоа никакви заклучоци…” Се сеќавам на првата таква вистинска, силна болка, кога нашите глави, секако, беа избричени. Тогаш беше многу жешко, 4 август. Ги смирив сите овие спомени, ги потиснав најдобро што можев. И навистина, морам да кажам дека успеав во ова во текот на овие години, до денес. Сега сè ми се враќа: различни искуства, различни слики од Аушвиц”,
Пред настанот се обрати домаќинот полскиот претседател Анджеј Дуда.
Потсети дека во германскиот нацистички концентрационен и истребувачки логор Аушвиц-Биркенау убиени се 1,1 милион луѓе од различни националности, пред сè Евреи, но и Полјаци, Руси и Роми.
„Како што добро знаеме, концентрационите логори, а пред сè логорите за истребување како Аушвиц-Биркенау, беа изградени за да се спроведе истребувањето на еврејскиот народ. Тоа беше криминалниот план на Адолф Хитлер и на нацистичка Германија за време на Втората светска војна, рече Дуда.
На одбележувањето денеска присуствуваа педесетина државни делегации од целиот свет. Меѓу нив е македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова која ќе го посети и Универзитетот во Краков каде ќе подари дрворез со македонски мотив.
Официјалниот дел годишнината помина без говор на политичарите. Говореа само преживеаните од логорот, бидејќи како што соопштија од Музејот Аушвиц – ова е можеби последната поголема комеморација на која тие ќе можат лично да сведочат.
Претходно претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека светот никогаш нема да ги заборави шесте милиони „ладнокрвно убиени Евреи и сите жртви на холокаустот“.
„Додека исчезнуваат последните преживеани, наша должност како Европејци е да се сеќаваме на тие неописливи злосторства и да го почитуваме споменот на жртвите, посочи Урсула фон дер Лајен.
Аушвиц станал симбол на геноцидот извршен од Нацистичка Германија против шест милиони европски Евреи. Логорот е основан во 1940 година во касарната во Аушвиц во јужна Полска. Првите 728 полски политички затвореници пристигнале таму во јуни истата година. Пет години подоцна, соочени со напредокот на советските сили, нацистите принудиле 60.000 исцрпени затвореници да се движат кон запад. Во маршот на смртта голем број затвореници ги изгубиле животите.
Нацистите истиот месец ги разнеле гасните комори. Советските сили пристигнале во кампот на 27 јануари каде пронашле 7.000 преживеани. Денот на ослободувањето на логорот е прогласен за ден на сеќавање на холокаустот од страна на Обединетите Нации. Поради инвазијата врз Украина руската делегација три години не добива покана за годишнината во Аушвиц. Одлуката е остро критикувана од Москва која заедно со останатите земји од Советскитот Сојуз го затворија мрачниот логор.