Немало такви разговори, вели премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја изјавата на министерот за здравство Арбен Таравари, кој во гостување на ТВ21 тврдеше дека во рамките на мандатот на оваа влада албанскиот јазик веќе нема да стои во Уставот како јазик кој го зборуваат 20%, туку македонски јазик и албански јазик. Верувам дека во овој мандат…

Службени јазици во Македонија ќе бидат македонскиот јазик и не јазикот на „20%“ од оние што живеат во Македонија, туку албанскиот јазик, рече Таравари.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски ја коментираше и втората изјава од гостувањето на Таравари во емисијата дека како што премиерот бил против Коридорот 8 и против Преспанскиот договор, но ги прифатил, на крај ќе ги прифати и уставните измени.

Мислам дека не е тоа така кажано, како што вие го цитирате. Не сум бил против Коридорот 8, да сум бил против Преспанскиот договор и да точно е откако на насилен пат се носеа пратеници да гласаат за уставните измени и откако сето тоа стана реалност, уште во опозија пред 4-5 години реков не можеме да ја игнорираме реалноста. Никогаш не сум бил против Коридорот 8, тоа што вие го цитирате не беше така кажано од господинот Таравари, но во ред, повторно ќе кажам, во духот на растурање пердувите ќе се обидеме да ги фатиме и јас категорично ве демантирам дека така беше кажано. Кога станува збор за уставните измени, можеме да зборуваме за нив, но истовремено може да зборуваме за други работи кои ние ги бараме и кои што се дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ позади кои застана повеќе од половина милион граѓани. Јас немам намера ниту милиметар да се поместам од тоа што сум го кажувал, го кажувам сега и ќе го кажувам во иднина. Барам решение, достоинствено решение. Имаме достоинствено решение, а тоа се уставни измени со одложено дејство, повелете да разговараме, рече Мицкоски.