Ракометарите на Хрватска ќе играат во полуфиналето на Светското првенство 2025, откако во драматичниот натпревар со Унгарија успеаја со голот на Шипиќ да слават со 31:30. Ракометарите на Родригез имаа за што да жалат, имаа плус четири во 54-та минута, а Хрватите во ниту еден момент не се откажуваа.

Хрватите добро го започнаа натпреварот, но потоа Унгарија ја презеде контролата и речиси до 29-та минута го контролираше резултатот. По нерешените 5;5, дојде до пад во играта на,,коцкестите”, па така избраниците на Родригез со расположениот Бартуш на голот, како и со добрите организирани напади, направија серија од 3:0.

Унгарија кон средината на првиот дел имаше плус три, 8:5, потоа во еден момент дојде на плус четири, 10:6, а како што се доближуваше крајот на полувремето Хрватите се враќаа во игра. Домаќинот ја подобри одбраната, даде неколку брзи гола, па така Хрватска направи пресврт.

Избраниците на Сигурдсон најпрво израмнија на 15:15, а во последната минута ја презеде предноста, поведе со 16:15. Иако Хрватска можеше да замине на полувреме со минимална предност, сепак, Унгарија тоа не го дозволи, по 30 минути игра резултатот беше нерешен, 16:16.

Репрезентацијата на Унгарија за неколку минути игра во вториот дел успеа да се одлепи на 19:17, имаше шанса да ,,побегне” на плус три, но повторно им дозволи на домаќините да направат камбек. Во 38-та минута беше 20:20 и двете репрезентации никако не можеа да направат исчекор. Од 38-та минута, па до 48-та, Хрватска беше без реализација и за тој период Унгарија успеа да се одлепи на 24:21.

Овие ,,плус три” беа достижни за Хрватска, но Унгарија возврати со иста мера, во последните десет минути влезе со предност од 27:24, имаше и плус четири, но Хрватите не се предаваа, Сигурдсон направи промена на голот, го замени Кузмановиќ со Пешиќ, кој фати неколку топки и домаќините во последната минита израмнија на 30:30.

Останаа уште триесетина секунди, ракометарите на Унгарија не реализираа, а во последните десет секунди Шипиќ стави крај на големата драма за голема радост на трибините во ,,Арена Загреб”.