Последниве месеци во Брисел се почесто може да се слушнат термините „Унија на пазарите на капитал“ и „Унија за штедење и инвестиции“.
За потребата од зајакнување на Унијата на пазарите за капитал во неколку наврати говореше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додека терминот Унија за штедење и инвестиции го промовираше поранешниот италијански премиер Енрико Лета во својот извештај за иднината на единствениот европски пазар, насловен „Многу повеќе од пазар“, што беше објавен лани во април.
Лета се обиде да ја објасни суштината на Унијата за штедење и инвестиции, наведувајќи дека станува збор за инструмент преку кој заштедите на граѓаните на ЕУ би се искористиле за финансирање на продуктивни инвестиции.
Во тој контекст, поранешниот француски министер за финансии Бруно Ле Мер изјави дека приближно една третина од заштедите на Европејците „лежат на сметките на комерцијалните банки“, што е двојно повеќе од сумите во САД.
– Парите на Европејците спијат наместо да работат, изјави лани Ле Мер во време кога ја извршуваше министерската функција.
Некои кругови во Брисел на Унијата за штедење и инвестиции гледаат како комбинација на Унијата на пазарите за капитал и на Банкарската унија, која беше промовирана за зајакнување на банкарскиот сектор во Еврозоната за време на финансиската криза во 2012 година.
Но, за разлика од Банкарската унија, која функционира како инструмент за заштита на банките, Унијата на пазарите за капитал, според експертите, повеќе постои во теорија, отколку во пракса.
Со воспоставувањето на Единствениот европски пазар во 1993 година се гарантира слободното движење на стоки, услуги, луѓе и капитал во рамките на ЕУ. Ова на хартија значи дека капиталот може слободно „да се движи“ низ сите 27 земји членки на ЕУ, но во пракса постојат голем број правни и практични бариери кои го попречуваат тој проток.
Токму поради ова во 2014 година тогашниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер ја промовираше идејата за Унијата на пазарите на капитал, како надополнување на Банкарската унија, која беше формирана две години порано.
Според вишиот соработник на бриселскиот економски тинк-тенк „Брејхел“ и на вашингтонскиот „Петерсон институт за меѓународна економија“, Никола Верон, промоцијата на Унијата на пазарите на капитал од страна на Јункер преставувало „маркетиншки потег“ со цел Банкарската унија да се „издигне на повисоко ниво“, преку поврзување на пазарите на капитал во земјите членки на ЕУ.
„Унија за штедење и инвестиции“ сега се промовира како нов инструмент во услови кога ЕУ се соочува со големи потреби за инвестиции, за што средства може да се обезбедат од пазарите за капитал.
Впрочем, еден друг поранешен италијански премиер, Марио Драги во својот извештај „Иднината на европската конкурентност“, наведува дека на ЕУ годишно и се потребни дополнителни 800 милијарди евра за инвестиции со зелената транзиција, дигиталниот сектор и одбраната, доколку сака нејзината економија да остане конкурентна со оние на Кина и САД.
Според проценките на ЕК, преку Унијата на пазарите на капитал годишно можат да се обезбедат дополнителни 470 милијарди евра за инвестиции, односно речиси 60 отсто од проекциите на Драги за инвестициските потреби на ЕУ.
Но, бриселската невладина организација „Фајнанс Воч“ смета дека само за инвестиции во проекти за ублажување на последиците од климатските промени на ЕУ ќе и бидат потребни од 800 до 1.600 милијарди евра годишно, а дека преку Унијата на пазарите на капитал можат да се обезбедат од 300 милијарди, па во најдобар случај до 600 милијарди евра годишно.
Независно од ваквите различни проценки, аналитичарите се согласуваат дека зајакнувањето и поголема интеграција на пазарите на капитал би помогнало за намалување на инвестицискиот јаз во ЕУ.
Идејата за обезбедување средства за инвестиции од пазарите на капитал, доаѓа во време кога владите на повеќето членки на ЕУ не сакаат или не се во можност да обезбедат дополнителни финансии за инвестициски проекти, како резултат на презадолженоста и зголемениот буџетски дефицит. Повеќето од нив веќе ги имаат надминато праговите што ги постави ЕУ за ниво на задолженост на 60 отсто и буџетски дефицит од три проценти од годишниот БДП.
Токму затоа ЕУ се повеќе става акцент на потребата од привлекување и искористување на приватниот капитал за поттикнување на европската економија.
За таа цел, ЕУ и го промовираше „Компасот за конкурентност“, во чии рамки се предвидуваат и мерки за „намалување на бирократијата“, односно поедноставување на правилата и административните процедури за работа на компаниите и нивен пристап до информации. Во тие рамки е идејата за единствен центар на ЕУ за финансиски и нефинансиски информации од јавен карактер за компаниите и инвестициските понуди, со што за инвеститорите се обезбедува пристап до податоци во реално време.
Но, експертите посочуваат дека и покрај декларативното расположение за целосно интегрирање на пазарите на капитал на земјите членки во единствена Унија, сепак ќе биде потребен огромен напор за реализација на овие планови, како и за пренасочување на приватниот капитал во инвестиции.
Фото: МИА Архива