Одговорно тврдам дека немаме поголем пријател и поддржувач на нашата европска интеграција од Грција, истакна министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во разговор со дописничката на МИА од Атина, по завршувањето на неговата дводневна посета на Грција, нагласувајќи дека добрососедските односи се заеднички приоритет и имаат потенцијал да се зајакнат и продлабочат.

Муртезани посочи дека ова беше прва официјална посета на Атина на претставник на новата Влада по изборите кај нас, а имаше можност да се сретне и да поразговара со заменик-министерката за надворешни работи Александра Пападопулу и со потпретседателот на грчкиот Парламент и претседател на Комисијата за европски прашања Јоанис Плакиотакис.За МИА оцени дека средбите поминале во одлична и пријателска атмосфера.

Со оглед на тоа што постизборниот период кај нас се совпадна со предизборниот период за евроизборите во Грција пред околу осум месеци и се чинеше дека постои одредено заладување во билатералните односи, министерот за европски прашања, сега оценува дека релациите меѓу Скопје и Атина се пријателски, а „ова пријателство мора и понатаму да се зајакне“.

– Најодговорно можам да тврдам дека овие два дена во Атина се чувствувам како во пријателска земја, многу топло бев примен, на наше располагање беа ставени сите можности и капацитети на Грција да ни помогнат и бидете сигурни дека тоа го прави само земја којашто нè смета за пријател. Ова пријателство мора и понатаму да се зајакне. Добрососедските односи се наш заеднички приоритет, тие мора да се зајакнат. Ние сме земји-членки на НАТО и рамо до рамо придонесуваме за стабилноста во регионот и во светот, така што има многу работи коишто ние треба и мора да ги интензивираме, нагласи министерот.

Со заменичката шефица на грчката дипломатија, акцентот го ставиле токму на прашањата од нивните портфолија – темите поврзани со ЕУ.

-На мојата колешка, заменик-министерката за надворешни работи која е надлежна за европски прашања ѝ се заблагодарив за константната поддршка која Грција ја дава, прво за политиката за проширување, а особено за нашето членство во Европската Унија, бидејќи одговорно тврдам дека Северна Македонија нема поголем пријател и поддржувач на нашата европска интеграција од Грција. Зборувавме за тоа како може на разни начини преку поделба на искуства, грчка експертиза и искуство, прво за тоа како да го забрзаме процесот, како да се подигне процесот на апсорпција на ИПА средствата, како да се продлабочи соработката и искуствата во другите инструменти и фондови на Европската Унија, објасни министерот.

На средбата со Пападопулу станало збор и за продлабочување на билатералните и зајакнување на добрососедските односи во повеќе области.

– Заклучивме дека има огромен потенцијал во области како што се инфраструктура, енергија, дигитализација, сајбер безбедност е исто така една критична инфраструктура, коишто треба да се зајакнат преку билатерални активности и секако дека многу скоро очекуваме во Скопје и грчки експерти кои ќе ни помогнат во одредени области коишто се многу важни за нас и за процесот на пристапување во Европската Унија, посочи министерот.

За средбата Пападопулу-Муртезани, од Министерството за надворешни работи на Грција, преку платформата Икс соопштија дека биле разменети мислења „за начините за натамошно подобрување на соработката за ЕУ прашања“ и ги истражиле можностите за „грчка техничка помош за Република Северна Македонија во рамките на нејзиниот пат кон ЕУ“.

Од МЕП пак соопштија дека била реафирмирана заедничката заложба за унапредување на добрососедските односи и продлабочување на соработката во клучните области од заемен интерес, но и дека акцентот бил ставен на европската интеграција на Северна Македонија, Планот за раст на ЕК за Западен Балкан и Реформската агенда на земјата.

На средбата беше реафирмирана заедничката заложба за унапредување на добрососедските односи и продлабочување на соработката во клучните области од заемен интерес. Министерот Муртезани нагласи

Министерот Муртезани се сретна и со потпретседателот на грчкиот Парламент и претседател на Комисијата за европски прашања, Јоанис Плакиотакис со кој ја разгледале можноста за зајакнување на комуникацијата меѓу законодавните домови на двете земји, а размениле мислења и за билатералните процеси што се предмет на парламентарна процедура, при што се согласиле дека конструктивниот пристап и инклузивниот политички дијалог остануваат клучни во натамошното продлабочување на партнерството.

Во разговорот за МИА, министерот објасни дека при неговите службени посети во странство инсистира да оствари средби и со комисиите за европски прашања, „бидејќи тие се клучни во целиот процес“.

– Особено во нашиот случај, сите тие закони што значат хармонизација на европското законодавство мора да поминат преку комисијата а во комисијата секогаш мора да има поширок не само политички, туку и општествен консензус. Предмет на разговор беше ова, но исто така зборувавме и за обостраната имплементација на Преспанскиот договор и заклучивме дека двете страни треба да ги подобрат координативните активности и напорите во насока на понатамошна имплементација на Преспанскиот договор, објасни министерот за средбата со Плакиотакис.

Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во рамките на работната посета на Атина, имаше средба и со потпретседателот на грчкиот Парламент и пре

Со оглед на тоа што Плакиотакис е и потпретседател на Парламентот, Муртезани го покренал прашањето за трите меморандуми за соработка што сè уште не се ратификувани од грчките пратеници, а ова прашање било и споменато и на средбата со Пападопулу.

-Секако и на двете средби побарав информации и ме уверија дека станува збор за процедура што во многу случаи е подложна и на одредени политички ситуации, тоа е процедура која е во тек и треба некогаш да се затвори, меѓутоа заклучивме дека не станува збор за ниту една пречка, којашто би ја спречила понатамошната соработка или јакнењето на билатералните односи, така што очекуваме во иднина и тоа да се заврши, но ние не треба да чекаме и има огромен простор за продлабочување на соработката, објасни министерот за МИА.

Муртезани во Атина пристигна од Брисел, каде што беше во дводневна работна посета и оствари низа средби, меѓу кои и со еврокомесарката за проширување Кос, со претседателот на Европскиот економски и социјален комитет, со генералниот директор на Генерален директорат за проширување и источно соседство и со извршниот директор за Европа во Европската служба за надворешни работи.

Сања Ристовска

Фото: МЕП