Директорот на Детската клиника во Скопје и клиниката не ги платиле двете глоби по вонредните инспекциски надзори поради смрт на деца. Во интервју за РСЕ, директорот на Државниот санитарен инспекторат, Кирил Лазов открива дека парите кои се казна за незаконско постапување, ќе ги бара на суд.

Во последните четири месеци починаа седум деца во здравствени установи, последен е случајот со четири годишното дете во Струга. Што утврди инспекторатот за овој случај?

За случајот во струшката болница при инспекциски надзор ДСЗИ констатираше дека починатото дете било со тешка форма на церебрална парализа кое често било лекувано во оваа установа, но исто така било лекувано и на Клиниката за детски болести Скопје како и надвор од државата.

Детето било примено, била констатирана дијагноза акутен бронхитис, била аплицирана интравенска инхалациона терапија, следниот ден состојбата не била подобрена при што се направени додатни испитувања, рендген на бели дробови, лабораториски анализи за да во наредниот ден биде донесено во тешка општа состојба и во текот на примање на терапијата дошло до застој на респирациите и срцева акција и постапено е со реанимација, но без одговор.

Ние како инспекторат проследивме информација до Министерот за здравство и дадовме иницијатива за поведување на стручен надзор.

Што значи ова, се постапувало ли по дадените протоколи?

ДСЗИ нема надлежност да ја цени стручноста и работењето на лекарскиот тим и од таа причина како инспекторат проследуваме информации до министерот за формирање на стручен надзор.

Имаше реакции за случајот во Прилеп каде починаа 2 близначиња, до каде е овој случај?

Од страна на ДСЗИ подрачно одделение Прилеп беше издадено решение до Општа болница Прилеп за поведување на дисциплинска постапка за здравствени работници во установата поради предвремено пуштање на предвремено родени близначиња од страна на мајката.

Во законот има уредба каде постои начин и постапка за утврдување дисциплинска постапка која опфаќа повреда на работна дисциплина, несовесно и ненавремено пружање на здравствена заштита која ја спроведува раководен орган. За спроведување на оваа мерка беше даден рок од 15 денови за спроведување од денот на примање на решението.

Дали лекарите постапиле правилно?

Како што кажав ДСЗИ нема ингеренции а одговорот на ова прашање може да го даде дисциплинската комисија и стручниот надзор. Како констатација на ДСЗИ е дека установата требало да извести надлежен центар за социјални работи поради предвремено пуштање на новородените по барање од родител и од ДСЗИ е дадена постапка за помирување и прекршочен платен налог до установата и одговорното лице на установата во денарска против вредност од 500 евра.

Тоа е глоба која е пропишана согласно законот за заштита на правата на пациентите и во период имаме добиено доказ за извршена уплата на истата.

Тоа се единствените механизми кои може инспекторатот да ги преземе во ваква ситуација?

Ние како ДСЗИ постапуваме согласно законски прописи значи секое прекршување кое ги надминува нашите ингеренции надлежни се основните судови.

Можете ли вие да констатирате дали лекарите постапиле правилно кога ги испишале овие бебиња кои видовме дека ја немале потребната тежина, и дека мајката е таа која потпишала. Но, во вакви ситуации дали смее да се случи вакво нешто?

Ние како ДСЗИ немаме ингеренции како што реков за се понатаму и од таа причина постапивме до здравствената установа да си формира дисциплинска комисија и до министерот да формира стручен надзор.

Јавноста беше вознемирена и од неколкуте случаи на починати деца во детската клиника во Скопје. Што се е таму утврдено за овие случаи?

Универзитетската клиника за детски болести – Скопје во периодот од октомври 2024 до јануари 2025 година се извршени 8 вонредни инспекциски надзори и при овие надзори во неколку наврати се дадени решенија со мерки за постапување.

Во 3 инспекциски надзори дадено е решение со мерка за воведување на документација план и програма за дијагностика и третман за лекување на пациенти. Имавме забелешки во делот на организацијата и работата на специјализантите и неиздавање писмено образложение од страна на установата за не извршен прием на болни пациенти кои се примени како итен случај а не биле хоспитализирани.

Имаме во 4 инспекциски надзори поднесено барање до Министерот за здравство за вонреден инспекциски надзор додека во два инспекциски надзори е поведена постапка за порамнување и прекршочен платен налог до клиниката и до одговорното лице.

Во првиот случај тоа е поради пропусти во законската регулатива и делот на работењето на докторите специјализанти при што е изречена глоба од 5 200 евра во денарска против вредност и тоа 4 000 евра за клиниката и 1 200 евра одговорното лице. И вториот случај за неизвршен прием во болницата по итен преглед и неиздавање на писмено известување зошто е оневозможен прием.

Глобата е од 500 до 10 000 илјади евра за клиниката и од 250 до 500 евра за одговорното лице. И во двата случаи не е реализирана постапката за порамнување и ние поднесовме барање до надлежен суд за поведување на прекршочна постапка.

Тоа значи дека како инспекторат ќе одите на суд со Детска клиника?

Да ние веќе поднесовме барање до надлежен суд за прекршочна постапка.

Јавноста кога ги слуша сите овие казни очекува повеќе. Имаше остри реакции и од родителите. Како се носат одлуките за овие случаи?

Ние работиме согласно постоечките законски регулативи и во нив се испишани овие глоби. Дали се големи или мали може да е предмет на дискусија и може понатаму да се отвори дебата дали е потребна промена на глобите.