Точно е дека луѓето кои вежбаат боречки вештини се посмирени и посталожени, меѓутоа секако, има моменти кога мирот и спокојот знаат да избегат од срцето и да избувнеме како и сите други. За среќа, тоа ретко се случува, вели Игор Довезенски, единствен Кобудо мајстор во Македонија. Тој одговара на повеќе прашања во разговорот што може да го прочитате во продолжение:
Вие сте познат како единствен мајстор во Македонија за класични јапонски самурајски и нинџа вештини (Кобудо). Кажете ми, зошто нема други освен вас кои се занимаваат со овие традиции?
Мислам дека станува збор за склоп на причини, кои сите заедно можеби го дават одговорот на вашето прашање. Класичните јапонски боречки вештини се прилично непознати надвор од Јапонија, а интересно е тоа што самите учители кои ги наследиле и ги предаваат никогаш немале желба за нивна комерцијализација и експанзија. За разлика од нив, таканаречените модерни боречки вештини како што се Џудо, Аикидо, Карате или Кендо, од кои некои од нив дури станаа и спортски дисциплини, вложуваат многу во нивното ширење и популаризација.
Друга работа, што е многу важна, е комплексноста на класичните вештини, кои во нивната колевка се познати под името Кобудо. Кај нив, не се придава значење само на вештината на користењето на телото, туку истовремено и на многу други аспекти. Тука пред се спаѓаат вежбањето со разни јапонски средновековни оружја, потоа познавање на анатомијата и моториката на телото, психологијата, историјата и тактиката на војувањето, техниките за бешумно движење и инфилтрација, како и литература, уметност и многу други знаења неопходни за да се достигне нивото познато како татсуџин (комплетно човечко суштество) или меиџин (совршено човечко суштество). Се разбира, тие нивоа се недостижни за време на еден човечки живот, меѓутоа желбата да се успее, го тераат Кобудоката (човекот што вежба класични вештини) секогаш да дава се од себе за да ги достигне и да се усовршува. И сега, доколку ги разгледате и анализирате сите овие потребни знаења за да се успее во Кобудо, можеби ќе си дадете одговор на вашето прашање околу причините за непопуларноста на класичните јапонски боречки вештини.
Велат дека луѓето кои вежбаат боречки вештини се посмирени и посталожени во однос на другите луѓе. Дали е ова вистина?
Точно е дека се посмирени и посталожени, меѓутоа секако, има моменти кога мирот и спокојот знаат да избегат од срцето и да избувнеме како и сите други. За среќа, тоа ретко се случува при ептен тешки и долготрајни ситуации, во кои секој нормален човек би завршил на некаква терапија или лекарства. Истовремено, сите ние кои ги вежбаме, си имаме по некоја слабост, бидејќи сме луѓе од крв и месо. Јас можам да зборувам лично за себе и да кажам дека досега многу ретко ми се случувало да ми избега смиреноста од контрола, меѓутоа мојата слабост е доколку некој ја изневери мојата верба односно покаже нелојалност. Во таква ситуација, знам да бидам доста вокален и груб и да „плеснам“ се што мислам некому в лице. Меѓутоа, дури и во такви ситуации, ова трае ден-два и потоа мирот се враќа и царува повторно.
Сепак, разликата е во тоа што никогаш не дозволуваме беспотребно и со употреба на физичка сила да ги решаваме проблемите. Тука имаме одлична самоконтрола.
Споменавте дека Кобудоките се занимаваат со литература и уметност. Зошто е тоа потребно?
Најдобро би ви одговорил на ова доколку ви го споменам принципот што е познат под името Бунбу Рјудо, а доаѓа од времето на самураите поточно од 13-тиот век. Во груб превод, би можело да биде нешто како „Уметноста и боречките вештини – се како едно“. Со ова сака да се нагласи балансот меѓу нежноста и грубоста, меѓу мекоста и тврдоста односно да се спречи суровоста на борбата и познавањето на техниките на убивање да станат основа во животот на воинот. Така, со воведувањето на уметноста, се омекнува срцето на борецот, се зголемува човечноста, емпатијата, дисциплината и самоконтролата, бидејќи познато е дека уметноста и литературата влијаат многу позитивно на човечкиот мозок.
Дали секој може да се занимава со класични јапонски боречки вештини?
Не. Дефинитивно не може, иако кога некој се интересира за уписи, го охрабруваме со цел да му дадеме шанса. Луѓе кои немаат осет и критериум за убавина, за уметност, кои се ограничени во умот и кои не поседуваат доблести како дисциплина, праведност, достоинство, стабилност, лојалност, добрина и особено луѓе кои имаат големо его – не можат да вежбаат Корју Боџутсу односно ќе се откажат многу брзо со разни изговори на сметка на останатите. Истите тие луѓе ќе се откажуваат од се што е доблесно и вредно до крајот на својот живот.
Каде се наоѓа вашиот клуб и како да ве најде доколку некој сака да вежба со вас?
Се наоѓаме во близина на Три Бисери, во населбата Аеродром, а најлесно е да не контактираат откако прво ќе ја посетат нашата веб-страница www.koryu.mk
Би сакал да им сугерирам на заинтересираните, дека треба прво да ни пишат мејл исклучиво на македонски јазик, на кирилица, со вовед со кој ќе покажат дека се писмени, културни или да побараат препорака од некој што претходно вежбал со нас. Во Доџо за класични јапонски боречки вештини не може секој да се зачлени и да вежба.