Кремљ соопшти дека руски државјанин бил ослободен од американски затвор во замена за ослободување на американскиот учител Марк Фогел.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот државјанин ќе се врати дома во наредните денови и дека тогаш ќе биде објавено неговото име.
Песков ги информира новинарите еден ден откако Русија го ослободи Фогел од затвор во дипломатски договор за кој американскиот претседател Доналд Трамп рече дека може да помогне да се стави крај на руско-украинската војна.
Коментирајќи ги тврдењата на Трамп дека тоа може да помогне да се стави крај на војната, Песков рече дека веројатно нема да биде пресвртна точка, но ја опиша размената како постепен чекори кон зголемување на меѓусебната доверба, која сега е на многу ниско ниво.
63-годишниот Фогел издржувал 14-годишна затворска казна за шверц на дрога откога бил фатен на московскиот аеродром со мало количество марихуана.
Вчера, отпатува за Вашингтон, каде што заедно со Трамп го прослави ослободувањето во Белата куќа.
Трамп рече дека ослободувањето на Фогел може да биде многу важен дел за ставање крај на тригодишната војна во Украина.
Американскиот советник за национална безбедност, Мајк Волц, рече дека Фогел е ослободен со преговарачка размена „што служи како знак на руската добра волја и знак дека се движиме во вистинската насока кон ставање крај на бруталната и ужасна војна во Украина“.
Трамп рече дека уште едно лице ќе биде ослободено в среда, но не ги именуваше.
Условите за ослободување на Фогел тој ги нарече многу фер.
„Русија се однесуваше со нас многу убаво. Всушност, се надевам дека ова е почеток на односите, каде што можеме да ставиме крај на оваа војна во Украина и на убиствата на милиони луѓе“, рече Трамп, пренесуваат светските медиуми.
Фогел беше предаден на пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, кој во вторникот ненајавено дојде во Москва за да го земе.
„Вашингтон пост“ објави дека, според водителот на „Фокс њуз“, Шон Ханити, Виткоф, инвеститор во недвижности и долгогодишен пријател на Трамп, одржал состанок со Путин, кој траел три и пол часа.
На прашањето што дале САД во замена за Фогел, Трамп претходно им кажа на новинарите „не многу“ и ослободувањето го нарече руски знак на добра волја.