Унгарскиот премиер Виктор Орбан во понеделникот објави ослободување од данок на доход за мајките на две или три деца и рече дека од април ќе ги ограничи каматните стапки на станбените кредити на 5 отсто, како дел од чекорите за зајакнување на економијата пред изборите во 2026 година.

„Ја објавуваме најголемата програма за намалување на даноците во Европа“, рече Орбан денеска во своето обраќање за состојбата на нацијата.

Покрај веќе најавеното удвојување на даночните олеснувања за семејствата во две фази до јануари, Орбан рече дека неговата влада ќе ги ослободи мајките на две или три деца од данок на доход, почнувајќи од октомври со мајки на три деца.

Од јануари постепено ќе се воведува ослободувањето за мајките на две деца, рече Орбан. „Тоа ќе биде голем трошок, но економското закрепнување, мерките за поддршка на бизнисот и целосното вработување заедно можат да го платат со намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг“, рече тој.

Орбан, исто така, рече дека неговата влада е подготвена да воведе ограничувања за зголемување на цените на храната, освен ако разговорите со трговците не успеат да ги задржат цените под контрола.

Унгарската инфлација, која пред две години достигна највисоки нивоа во ЕУ, во јануари дојде до 5,5 отсто, што е над прогнозите на аналитичарите.