Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера во интервју за Сител ги коментираше реакциите за македонското ко-спонзорирање на Американската резолуција во ООН.

Шефицата на државата смета дека Македонија постапила добро со поддршката на САД затоа што со тоа не се крши заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ со која Македонија е целосно усогласена.

Како пример за начинот на кој функционира ЕУ Сиљановска Давкова ја даде Франција која не стави вето во Советот за безбесност.

,,Велиме дека крајот го краси делото. За мене е најважно она што се случи во Советот за безбедност. Да потсетам, таму ниту Франција, ниту Обединетото Кралство, не ставија вето. Што значи тоа. Помина, тој текст. Така? А тој текст е задолжителен. Што значи дека добро сме се позиционирале. Иако не сме членка на Европската унија ние утре би можеле заради кластерот врзан со заедничката надворешна и безбедносна политика, да го поминеме овој дел. Значи, не отстапивме од тоа, ама не заборавивме ни на стратешкото партнерство. Слушам денеска, еве и вам ви реков при влегувањето, многу ме интересира дали францускиот амбасадор во Будимпешта истото му го предочил на г.динот Орбан, бидеејќи тој е пак член на ЕУ.

Значи да повторам, ние сме географски, историски, културно дел од Европа. Нам ни е местото во ЕУ. Но, ако некој мисли дека ЕУ се однесува во стилот на тоа дека сите на ист начин ќе прават или ќе посегаат по некои постапки, мислам дека не се во право. Не е тоа целосно униформирана заедница, впрочем сами знаете.

ЕУ не е држава, туку е политички систем, sui generis. Не мислам дека згрешивме, мислам дека реалистички се однесувавме. Или до сега сите не убедуваа дека не е време за идеализам, туку за реализам. И мислам дека добро постапивме”, рече Сиљановска Давкова во интервјуто.