Украинскиот премиер Денис Шмихал денеска соопшти дека владата го одобрила потпишувањето на договорот меѓу Украина и САД за создавање на Инвестициски фонд за реконструкција.
„Денес Владата донесува одлуки неопходни за потпишување на договор меѓу Украина и Соединетите Американски Држави за формирање на Инвестициски фонд за реконструкција“, објави тој на Телеграм, пренесува Укринформ.
Шмихал објасни дека договорот ќе има шест клучни точки, а според првата, Украина и САД создаваат Инвестициски фонд за реконструкција, кој ќе биде во заедничка сопственост и управуван од владите на двете земји.
Тој истакна дека ресурсите на Украина нема да бидат префрлени во сопственост на САД или на кој било друг.
Третата точка предвидува дека Украина ќе учествува со 50 отсто од идните приходи од нејзините природни ресурси во Фондот, нагласи украинскиот премиер, додавајќи дека четвртата точка прецизира дека САД ќе придонесат во Фондот во форма на средства, финансиски инструменти и други средства кои се клучни за обновата на Украина.
Според петтата точка, додаде Шмихал, средствата собрани од Фондот ќе се инвестираат исклучиво во проекти за обнова на Украина, а тоа е Фондот за идните генерации на Украинците.
„Шесто, уште еден важен акцент е дека договорот ги зема предвид нашите обврски во рамките на процесот на европска интеграција. Односно, нема да се појават противречности или недоследности со нашите обврски во однос на европската интеграција“, додаде Шмихал.
Договорот за минерали со САД е рамковен договор. Во иднина земјите ќе работат на договор за создавање на Инвестициски фонд за обнова, за што ќе биде потребна ратификација од Врховната рада, соопшти украинската агенција.