Податоците за трансакциите на директните инвестиции ги опфаќаат движењата помеѓу поврзаните субјекти врз основа на сопственички капитал, реинвестирање на добивката и должничките инструменти. Должничките инструменти ги опфаќаат средствата и обврските од/кон поврзаните претпријатија во странство врз основа на заеми на меѓусебно поврзани субјекти, трговски кредити и аванси на меѓусебно поврзани субјекти и средства и обврски врз основа на останати должнички инструменти на меѓусебно поврзани субејкти.

Податоците за трансакциите на директните инвестиции се прикажуваат според пазарната вредност.

Најнови остварувања:

Во текот на четвртиот квартал од 2024 година, вкупните директни инвестиции во земјата бележат нето-приливи од 397,5 милиони евра, како резултат на зголемените нето-приливи врз основа на меѓукомпанискиот долг (296,7 милиони евра) и зголемените инвестиции во сопственичкиот капитал (104,4 милиони евра), наспроти намалувањето кај реинвестирањето на добивката (3,6 милиони евра).

Во 2024 година, вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 1.255 милиони евра, како резултат на нето-приливите кај меѓукомпанискиот долг (за 686 милиони евра), сопственичкиот капитал (313,6 милиони евра) и реинвестираната добивка (255,3 милиони евра).

Народната банка ќе ја објави бројката за инвестициите во 2024 година со исклучителна, огромна, историска реализација од мај натаму. Ние ќе бидеме земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во регионот, рече вчера премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на пратеничко прашање.

За годинава, напомена, имаме не помалку од 15 инвестиции, но бројот се зголемува.

-Ќе бидете сведоци на објавување камен-темелници и на почнување производства на некои од директните странски инвестиции. Но, да не ги потцениме и домашните инвестиции кои исто така ќе почнат, користејќи го унгарскиот кредит, напомена Мицкоски.

Во однос на турскиот „Казанџи холдинг“, премиерот информира дека не е само оваа компанија заинтересирана за влез во Македонија кога се работи за изградба на когенеративни централи, туку има, како што рече, и неколку други.

-„Казанџи холдинг“ е само една од неколкуте компании што изразија желба да инвестираат. Овие инвестиции за кои ние преговараме се темелат исклучиво на пазарни услови: струјата што ќе се произведува ќе се продава на слободниот пазар, цената на топлинската енергија ќе се регулира со одлука на Регулаторната комисија и ресурсот е на товар на инвеститорот. Нема оваа Влада да каже кој да ја гради, зошто тој, која е причината, кој ќе го прави далноводот,… и по тоа се разликуваме од нашите претхоници, истакна Мицкоски.